Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Сеноќно бдение во манастирот Бигорски (09.07.2006)

 

Во пресрет на Рождеството на Предвесникот Христов, големиот Крстител Јован, во Бигорскиот манастир  повторно се собраа мноштво на млади верници, кои под будното око на старецот на манастирот, архиманритот Партениј го средуваа дворот на манастирот (со хортикултурно уредување), како што и се погрижија за просторот пред манастирот, а и за внатрешноста на Долни Палат, бидејќи непосредно после осветувањето на Долни Палат, со донација на ЕКП Развој на општините и културата, преку директорката г-ца Ана Ефремова, се инсталираше централно греење, во сите соби на конакот, како и во Параклисот. Исто така се извршија и интервенции во водоводот, односно преку проектот-донација ,,Подобрување на водоснабдувањето во Бигорски“, на директорот на ЈП Водовод-Скопје, г-динот Миле Јанакиевски, се сменија доводните цевки, се постави нова пумпна станица, како и дизел-агрегат за во случај кога има прекин на електричната енергија.

 

 

     

            

 

 

 

Во торжествена атмосфера, беа пречекани надлежниот архиереј г.г. Тимотеј, како и Митрополитот Брегалнички, г.Агатангел, кои најнапред отслужија мала Вечерна и по краткиот одмор, околу 23.00 часот, се започна со сеноќното бдение, на кое сослужуваа архимандритот Иларион, избран епископ Баргалски, архимандритот Нектариј и игуменот на манастирот, архимандритот Партениј. Исто така сослужуваа гости од Брегалничката, како и од Дебарско - кичевската и Повардарската епархија и собраќата на манастирот.

 

 

 

                                                 

 

 

 

 

             

 

 

Ова бдение стана традиционално во манастирот, и исто како бденијата за Водопост, Благовест, Воскресение и Успение Богородично, секоја година привлекува сѐ повеќе и повеќе млади верници од целата Татковина.

Утрото, во 8.30 часот., се започна со Архиерејска Божествена Литургија, на која епархискиот Архиереј, г.Тимотеј, го ракоположи собратот на манастирот јероѓаконот Јосиф во свештенички чин.

После празничната беседа на Митрополитот Агатангел и прекршувањето на празничниот леб, се постави трпеза на љубовта за сите присутни верни.

 

 

 

            

 

 

 

 

                            

 

 

 

                             

 

 

 

 

             

 

известува: јеромонах Доситеј од манастирот Бигорски