Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Илинденско послание (21.07.2006)

СТЕФАН

 

ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,

ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,

ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО

И ДО СИТЕ ЧЕДА НА

МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,

А ПО ПОВОД ИЛИНДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,

ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА

 

 

... Примете го сето оружје Божјо,

за да можете да се браните во лош ден,

та, откако ќе победите, да се одржите.

(Ефес. 6, 13)

 

                                                                       

            Возљубени илинденољупци,

На Илинден, пред 103 години, во Крушево, создадена е новата македонска држава. Посакуваната слобода кај нашиот востанат народ беше втемелена врз вистинско богољубие и братољубие. Повикот за слобода на сите, беше повик за правда и вистина. Таков беше и светиот пророк Илија - борец за правда и за вистина. Поради тоа тој е земен за покровител, а неговиот празник за почеток на востанието.

Свети Илија е победоносец, боговидец и ревнител за верата во Бога. Тој се удостоил да разговара со Севишниот; се покажал силен пред незнабошците; се вознел со тело на небото и се јавил заедно со Мојсеја на Тавор при Преображението Господово, а и повторно ќе дојде пред крајот на светот.

 

Благочестиви чеда на нашата света Црква,

Илинден е симбол на слободољубивата македонска душа. Тој е аманет за сите генерации Македонци. Тој е бунт против неправдата и стегите на ропството. А, во ропство никој, па и Македонецот, не можел ни културно, ни национално да се изразува, ниту духовно да се издигнува. Долго трпел македонскиот човек и во повеќевековното ропство единствена утеха му била Божјата закрила и поткрепата од неговата света Црква.

 

Возљубени,

Илинденското востание било очекувано и подготвувано од македонскиот народ, затоа што тоа било единствениот пат кон слободата. Започна во Крушево, со биењето на црковните камбани. Таквиот почеток значеше востанување против петвековниот поробител на македонскиот народ, со молитва на усните и со Бога во срцето.

Да се биде  слободен е дар од Бога и потреба на секој човек. Затоа, треба да ја чуваме слободата и да ја сакаме Црквата и Татковината. Така, слободно живеејќи во богољубие и човекољубие, во црквољубие и верољубие, во родољубие и братољубие, ќе потврдиме дека во себе го носиме образот Божји. Живеејќи во слобода и љубов, ќе можеме да создаваме богоугодни и спасоносни дела.

 

            Возљубени празникољупци,

Македонската православна црква и македонскиот слободољубив народ секоја година, на Илинден, се потсетува на востаничкиот хероизам на нашите илинденци и им искажуваат достојна почит и благодарност на саможртвата што ја дале за национална и духовна слобода на Македонија. Затоа, Илинден е и останува да биде национален празник на македонскиот народ, држава и Црква.

Во Илинденското востание својот живот го дале и маченички пострадале и  стотина свештенослужители и народни пастири, со што се потврдува дека нашата Света Црква секогаш, па и во најтешките времиња, била со својот македонски народ. Црквата секогаш се грижи и правилно ги задоволува духовните и културните потреби на народот, ја чува неговата света вера, се моли за мир и за слобода. Оттаму, Илинден останува во душата на секој Македонец како величенствен празник на слободата и цврст столб на нашата национална и црковна самобитност. Тој е основа врз која се потпира нашево сегашно и идно постоење.

Но и денес, за жал, сѐ уште живееме во време на негирање на македонскиот национален идентитет и на црковната автокефалност. Живееме во тешки времиња, спасоносно трпејќи секакви напади, уцени и лаги. И покрај сѐ, должни сме да ја зачуваме љубовта, верата, Црквата и Татковината. Спасителот, Господ Исус Христос, нека нѐ укрепува и води по патот на слободата и вистината, по патот на правдата и радоста во царството Божјо.

            Возљубени чеда во Господа,

Годинава, кога се потсетуваме на 1090 годишнината од блаженото упокојување на свети Климент Охридски, се навршуваат и 100 години од раѓањето на возобновителот на Светиклиментовиот трон - архиепископот Охридски и Македонски Доситеј и 25 години од неговото блаженоупокојување. Изминааа и 20 години од блаженото упокојување на архиепископот Ангелариј и 10 години од блаженото упокојување на архиепископот Гаврил. Исто така, одбележуваме и 1700 години од мачеништвото на свети Димитриј Солунски (†306) и 210 години од мачеништвото на света Злата Мегленска (†1796). Потоа, 130 години од Разловечкото востание (1876) и 60 години од Свештеничката конференција во Скопје (1946).

 

Возљубени,

Да си ја чуваме верата и слободата, да живееме богоугодно и достојно на нашите славни претшественици, кои се вградија во духовната и национална слобода на македонскиот народ, Црква и држава.

Нека ни е честит и вековит Илинден - националниот празник на сите Македонци, каде и да се!

 

АРХИЕПИСКОП

ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

СТЕФАН

 

И ЧЛЕНОВИТЕ НА СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД

НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

 

 

КИРИЛ, митрополит Полошко-кумановски

ГОРАЗД, поранешен митрополит Европски

ПЕТАР, митрополит Преспанско-пелагониски и

администратор Австралиско-новозеландски

ТИМОТЕЈ, митрополит Дебарско-кичевски и

администратор Повардарски

НАУМ, митрополит Струмички

АГАТАНГЕЛ, митрополит Брегалнички

МЕТОДИЈ, митрополит Американско-канадски

ПИМЕН, митрополит Европски

КЛИМЕНТ, епископ Хераклејски

ИЛАРИОН, епископ Баргалски

 

 

Илинден, 2006 Лето Господово