Изјава на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан за МРТ (04.08.2006)
Во врска со информациите објавени во некои електронски и пишани медиуми поврзани со просторот на кој се наоѓа манастирот на свети Трифун, во близина на селото Говрлево, скопско, за јавниот сервис МРТ, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан ја даде следнава изјава:
„Постојаното експлоатирање на ридот од цементарницата „Усје” доведе до оваа состојба. Тоа што сакавме да го направиме е следново, да го тргнеме срамот и стравот од самиот манастир и на сета негова околина. Побаравме да се дислоцираат веќе распуканите и неупотребливи за богослужба и за молитва објекти. Конакот е во многу незавидна состојба, самата црква е многу оштетена. Прифативме да се дислоцираат тие објекти во најблиска близина на селото Говрлево, каде што новиот манастир на свети Трифун би бил пак во функција на жителите на Говрлево и на сите оние што го почитуваат овој манастир и празнувањето на свети Трифун.
Во меѓувреме излегоа најразлични информации. Добро е ова што новинарите го обелоденија, добро е што реагираат самите жители на Говрлево, добро е што реагираат научните институции, археолозите и историчарите на овие простори, но мислам дека сите заедно сето тоа го правиме со задоцнување. Кога би можело и кога би реагирале пред триесетина години би било сосема поинаку и не би ги имале овие бранувања што деновиве ги слушаме, и читаме и гледаме. Но, археолозите не можеле за триесет години да не слушнат дека се минира ридот во близина на Говрлево. Архелозите виделе дека таму нешто се случува и досега требало да реагираат. Но, и денес, во овие денови, не е доцна да се спречи минирањето на ридот и да се запази сѐ она што е вредно во самиот манастир, доколку се реши сите заедно да се обидеме да се спречи ископувањето на ридот и да се запази сето она што е вредно и во самиот манастир и во неговата околина. Црквата е многу оштетена, конакот е неупотреблив и секој тоа може да го види. Добро би било оној што ја дал концесијата тој простор да го користи фабриката за цемент „Усје” да го прекине тој договор и тоа издавање. Црквата со своите верници, сите заедно ќе можеме да ја запазиме и археологијата и сѐ она што има таму историско и самата црква... Значи, можеме да ги дислоцираме овие објекти или на самото место да ги обновиме, доколку се прекине со експлоатацијата на ридот.“