Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Писмо до Претседателот на Владата на Р. Македонија, г-динот Никола Груевски (26.08.2006)

 

Почитуван господине Претседателе,

 

Од името на членовите на Светиот архиерејски синод и од Наше име, заедно со сето свештенство, ѓаконство, монаштво и сите православни верници на светата Македонска Православна Црква во Татковината и ширум по светот, Ви го честитаме изборот за Претседател на Владата на Република Македонија, молитвено посакувајќи Ви добрини од Господа.

Вам, кој ја добивте довербата од поголемиот дел на нашиот народ, и на другите членови на Владата и соработници, ви претстојат многу обврски и активности од особено значење, па затоа Семоќниот Бог нека ви дава сили  и нека Ви помага за нивно што поуспешно извршување и исполнување.

Веруваме и се надеваме дека Вие, како Претседател на Владата, во Вашето работење и однесување, ќе го имате потребното разбирање и вреднување и за светата Македонска Православна Црква и ќе помагате и таа, според своето достоинство, да го постигне заслуженото место меѓу Црквите и народите.

Сите заедно живееме во едно исклучително време, време на кризи на духовен и морален, на економски, политички и друг план, но веруваме дека со Божја помош и со залагањето на избраните од Вас членови на Владата, ќе направите да имаме подобри денови за сите во Република Македонија.

Бог, по молитвите на свети Климент Охридски, патронот на Македонската Православна Црква и македонскиот народ, Вас и новата Влада, нека Ве благослови и нека Ви помага во секое добро и богоугодно дело за нашиот народ, Црква и Држава.

 

 

П О Г Л А В А Р  НА

МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

г.г. Стефан