Сеноќно бдение во Бигорскиот манастир (28.08.2006)
Во Бигорскиот манастир, на денот кога Црквата Божја го прославува чесното Успение на Пресветата Богородица се одржа, според веќе востановената традиција, целовечерно бдение. На бдението присуствуваше многуброен верен народ којшто од сите страни на државата притекна за да го прослави овој празник. После Акатистот кон чесното Успение, и Вечерната богослужба (со литија и петолебие), на Утрената богослужба беа испеани статиите пред плаштаницата на Успението на Пресветата Богородица. Овие статии се пеат на истата мелодија како и статиите на Велики Петок. После крајот на утрената, некаде околу 6.30 часот, беше направена кратка пауза, после која се продолжи со Светата Литургија на која се приклучија уште повеќе верни. Според светогорските обичаи, после Светата Литургија, сите се упатија кон трпезаријата кадешто беше послужена мала закуска. ,Достојно е да те величаме, Богородице, Тебе која што душата божествена и непорочна во рацете на Бога ја положи.” (2 Статија, 73ти стих) Со вакви погребни стихови била опеана Пресветата Мајка Божја, додека апостолите во свечена литија го носеле Нејзиното пречисто тело, придружувани од ангелски хорови. Апостолите не можеле а да не го возвеличаат Нејзиното сечесно Успение, бидејќи биле удостоени со едно прекрасно видение. Донесени на облаци од сите краишта на земјата, тие се удостоиле да го видат преселувањето на душата на Богомајката, Која носена на рацете од Својот Син и Бог и опкружена од мноштво ангели била воздигната кон царството небесно. Чествувајќи го овој настан, народот, подобно на апостолите, испеал прекрасни статии во кои е опишана славата на Мајката Божја, Нејзината неизмерна љубов и величие, како на земјата така и на небесата, каде седи оддесно на Нејзиниот Син, во постојана молитва за човечкиот род, чествувана од сите небески сили, херувими и серафими. Овие статии, кои традиционално секоја година се пејат на гробот на Мајката Божја во Гетсиманската градина близу Ерусалим, веќе неколку години ги трогнуваат душите на верниците кои доаѓаат во Бигорската обител за да го прослават Успението на небесната Царица. Стоејќи пред цветниот епитаф, во кој беше положена плаштаницата што го симболизираше Нејзиното тело, верниците исполнети со тивка радост вознесуваа молитви кон Пресветата Владичица - Богородица. А во утринските часови, додека полека се раѓаше денот и целата природа тихуваше, со тивко пеење беше носена плаштаницата во торжествена литија која кај верниците ги будеше истите чувства што некогаш ги имале и апостолите додека го носеле благоуханото тело на Пречистата.