На денот на свети Јоаким Осоговски (30.08.2006)
На празникот пренесувење на неракотворниот лик на Господ Исус Христос од Цариград во Едеса, како и преподобен Јоаким Осоговки (29.08.2006), Неговото Високопреосвештенство митрополит Тимотеј, администратор Повардарски, отслужи света архиерејска литургија во соборниот храм „Свети вмч. Пантелејмон” во Велес, во сослужение на архимандриот Нектариј, архиерејските намесници од Велес, Кавадарци и Гевгелија, старешините на градските цркви од епархијата и новоракоположениот свештеник Борислав Бобевски, секретар на Повардарската епархија. На светата литургија присуствуваа нејголем дел од парохиското свештенство од трите архиерејски намесништва. По завршувањето на литургијата, архиерејскиот намесник на Велес, протоереј-ставрофор Славе Јованов, од солеата се обрати кон Неговото Високопреосвештенство Митрополит Тимотеј, искажувајќи благодарност за раководењето со епархијата во овој изминат период, во којшто се постигнати завидни резултати: санирањето на соборниот храм „Свети Пантелејмон”, осветувањето на повеќе цркви и конаци, како и изградбата на новата митрополитска резиденција во населбата Отовица, што се надеваме дека и идниот месец ќе биде осветена. Посебно го истакна осветувањето и полагањето на камен-темелникот на најубавото место во градот, каде што ќе се гради нова црква „Свети Кирил и Методиј” (во дворното место на Гимназијата).
Во знак на благодарност од свештенството на епархијата архиерејскиот намесник протоереј-ставрофор Славе Јованов му подари архиерејски жезол. Потоа се обрати архиерејскиот намесник на Гевгелија протојереј-ставрофор Марјан Радински со одбрани зборови искажувајќи благодарност, подарувјаќи му архиерејска панагија. Во продолжение на свеченоста се обрати и архиерејскиот намесник на Кавадарци протојереј Томе Јованов, потенцирајќи дека голем дел од свештенството на епархијата се ракоположени и одликувани од Митрополитот Тимотеј, а заради несебичната родителска грижа во име на свештенството му подари архиерејски граден крст.
На крај Митрополитот Тимотеј се обрати кон присутното свештенство и присутниоит благоверен народ кадешто посебно го потенцира значењето на празникот, а свети Јоаким Осоговски, дека е еден од поголемите подвижници и пустиножители од нашиот народ кој посебно се прославува во кумановскиот и кривопаланечкиот крај, од кадешто потекнува и нашиот Миторополит. Потоа зборуваше за неговите ангажмани во оваа епархија во двата посебни периоди и дека во принцип носи добри спомени од народот и од свештенството. Покрај тоа што важи за строг и правичен архиереј, тој немал никакви недоразбирања ниту со народот ниту со свештенството во епархијата, со мали и незабележителни исклучоци. Им искажа благодарност на свештенството за соработката, за ревносното служење на светата Македонска Православна Црква, а за добробит на нашиот народ и на татковина Република Македонија. Искажа благодарност на архиерејските намесници за искажаните добри зборови и за подароците.
Свеченоста заврши со пеење на многолетствие. На самиот крај Митрополитот Тимотеј подели нафора на свештенството и благочестивиот народ.
известува: Протоереј Борислав Лазов