Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Интронизација на Митрополитот Американско-канадски г. Методиј (04.09.2006)

На 2 септември, во соборниот епархиски храм на свети Климент Охридски во Торонто, беше востоличен новоназначениот митрополит на Американско-канадската Македонска Православна Епархија, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Методиј.

Чинот на востоличувањето го изврши Поглаварот на Македонската Православна Црква, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, кој началствуваше со Светата Архиерејска Литургија, во сослужение на Митрополитот Брегалнички г. Агатангел, Митрополитот Европски г. Пимен, свештенослужителите на Американско-канадската епархија, како и свештеници од сестринските Православни Цркви – Грузиската, Романската и други.

На свеченостите по тој повод присуствуваа претставници на сите македонски православни цркви од Епархијата, на дипломатско-конзуларните претставништва од САД и Канада, пратеникот во Собранието на Република Македонија г-дин Влатко Ѓорчев, како и многуилјаден македонски православен народ од Северноамериканскиот континент.

На свечениот чин на востоличувањето, Неговото Блаженство Архиепископот г. г. Стефан изговори поздравно слово во име на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ, а со пригодна беседа отпоздрави новиот Митрополит Американско-канадски г. Методиј.

Традиционалните собирски манифестации на Американско-канадаската Македонска православна епархија, чиј овогодишен домаќин е црквата на света Недела од Ејџекс, Онтарио, Канада, продолжуваат и во наредните денови.  

 

Беседа на Владиката Методиј, изговорена на неговата интронизација за Митрополит на Американско-канадската епархија на Македонската Православна Црква:

  

Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух,

возљубени браќа и сестри,

 

Голема е навистина и возвишена тајната на љубовта Христова кон Црквата. Како беспрекорен божествен Жених Тој постојано бдее над нејзината девствена убавина. Најпрвин преку светата тајна на Благодарењето во која Самиот се дава Себе си за храна, за живот на светот. Постојано повикувајќи ги сите луѓе на спасоносно единство преку взаемното принесување на литургиската трпеза. Освен тоа, постојаното присуство и грижа на Господ Исус Христос во Црквата се остварува и преку несличното подобие на Неговиот образ во личноста на епископот како наследник на апостолите и апостолската мисија. Зашто, онака како што светите апостоли беа вистински икони на Спасителот, преку ревноста, преку кротоста, преку трпението, преку сведоштвото во крв, преку својот севкупен духовен труд на нивата Господова, во Црквата, од нејзиното основање на Педесетница, до распространувањето на евангелската наука насекаде по светот, така и епископите, влегувајќи во нивниот труд, на себе го носат образот на саможртвената љубов кон Црквата, љубов која е од Синот Божји во сите еони на нејзиниот опстој и во историјата и во вечноста на блаженото единство со Света Троица.

Како икона на живиот Бог, епископот е оној кој го упатува и духовно раководи со свештенството, ѓаконството, монаштвото и сиот народ Божји, со соборот на светите, со Црквата, безбедно приведувајќи го словесното стадо кон првообразот кој е Господ Исус Христос. Бидејќи, според православната теологија на иконата, почитта што му ја оддаваме на образот се однесува на првообразот.

Самиот Господ тоа ни го откри и преку евангелската парабола за добриот пастир. Тој вели: Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде. Што значат точно овие зборови? Господ е вратата кон спасението. Нема спасение за човекот надвор од Христа. Затоа е безнадежен трудот и потрагата на сите оние кои не Го познале Господа или оние кои мислат дека христијанството и литургијата преку која тоа се остварува се некаков фолклор или скапоцен декор за разубавување на безличното секојдневие. Нема спасение без светотаинското единство со Господ Исус Христос. А тоа единство е сеопфатно: и ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде, - значи: и во раѓањето и во смртта и во наследството на блаженото пасиште - Царството Небесно. Со други зборови и се раѓаме во овој свет заради љубовта Божја; и заради љубовта Божја преку смртта се ослободуваме од јаремот на секојдневните грижи и напори, од болеситите и страдањата за себе и своите ближни; се ослободуваме и од вечното несовршенство заради наследството во првородниот грев; заради љубовта Божја наоѓаме тивко засолниште во вечноста на Небесниот Ерусалим. Тоа е природата на грижата на Оној Кој е причина на сето наше постоење. Оној Кој е вратата низ која врви спасоносниот пат кон Едемската градина, нашето родно место, нашата единствена татковина.

А за епископот Господ во евангелската парабола ги кажува овие зборови: Вистина, вистина ви велам: кој не влегува низ вратата во овчото трло, а прескокнува од другата страна, крадец е и разбојник; а кој влегува низ вратата, пастир е на овците; нему вратарот му отвора и овците го слушаат гласот негов, и тој ги вика своите овци по име; и ги изведува. И кога ќе ги изведе овците свои, оди пред нив, и овците одат по него, бидејќи му го познаваат гласот негов; а по туѓ човек не одат, туку бегаат од него, оти гласот на туѓиот не го познаваат. Добриот пастир е оној кој во името Христово и со силата на Светиот Дух дејствува во Црквата. Тој ги изведува словесните овци од заблудите на овој свет, од власта на гревот и злобата. Неговиот глас, кого луѓето го познаваат, е гласот на Христовите спасителни заповеди. Тие имат подеднаква енергија и за оној што ги слуша за прв пат и за оној што е длабоко вкоренет во нив. Гласот на епископот, гласот на добриот пастир е оној што непрестано повикува кон заедницата со Спасителот. Тоа е глас патеводител нераскинливо врзан за личноста на Синот Божји како врата кон спасението. Тој што не влегува низ таа врата во словесното трло, во Црквата, Бог го одрекува како пастир. Духовниот авторитет, пак, на добриот пастир се темели на неговото христоподобно смирение, трпение и љубов во грижата за секој член на словесното стадо. Никој не треба да заталка, никој не треба да погине, заради милоста Божја и трудот на оној кој е поставен да надгледува и да бдее над спасението на поверените човечки души, а токму тоа значи името епископ. Личната заедница која тој ја гради во Црквата и со Црквата, не како замена за Спасителот, туку како икона на љубовта на Спасителот, ја прави возможна и насушна непосредноста со која тој ги призива членовите на словесното стадо по име: името кое секој од нас го добива при крштевањето; името со кое се сродивме со Христа и се нарековме христијани; и конечно, името кое по Божјата благодат и неговото безгранично милосрдие ќе биде запишано во книгата на животот.

 

Возљубени во Христа,

ова е историски момент од многу причини, а најмногу заради тоа што и на овој начин Бог ја покажува својата бескрајна љубов и грижа за Црквата. Црква, т.е. собор кој е богочовечки и кој не му припаѓа на човек туку на Бога. Сѐ што во неа е вложено му припаѓа на Бога, и честа, и милосрдието, и благодарствената анафора, сѐ е заради Христа и за сеопшто спасение. Ако се завртиме наназад, ако помислиме што сѐ сме направиле и што сѐ не сме направиле, а што сме можеле; ако погледнеме нанапред и ако размислиме што можеме да сториме, мислата нека ни е единствена како што е единствен и одговорот: Она што ќе го внесеме низ вратата која е Христос, она што ќе го преобразиме низ литургискиот подвиг во кој сообразно себе си на Бога ќе Му се принесеме, како чиста жртва, тоа ќе остане. Сѐ друго ќе исчезне заради минливоста на создадената природа. Затоа со љубов и искрено покајание да градиме заради Христа, да воспитуваме заради Христа, да проштеваме заради Христа, со пост и молитва да се смируваме заради Христа, секојдневно да умираме од љубов кон братот свој заради Христа, со радост да го носиме крстот свој заради Христа, така стекнувајќи ја човечноста ќе ја наследиме по благодат и божественоста, со која се нарекуваме чеда Божји. Амин! 

 

 

известува: протоереј-ставрофор Бранко Постоловски