Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Поклоничко патување во Италија (12.09.2006)

Во организација на Дебарско-кичевската епархија од 02 до 08 септември се реализира поклоничко патување за Италија, во кое учествуваа свештеници од епархијата со своите попадии заедно со својот надлежен архиереј Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.

 

 

              црква на свети Спиридон во Трст                     црква на свети апостол Марко во Венеција

 

 

За време на патувањето прво беше посетен Трст и прекрасната црква посветена на Св. Спиридон, која се наоѓа под јурисдикција на Српската Православна Црква. Оваа црква која е висока 40 м., долга 38 м., и широка 31 м. е изградена во 1869 година.

Следна цел на поклониците беше градот Венеција и црквата посветена на Свети Марко, во која се наоѓаат моштите на светиот апостол Марко. Оваа црква денес припаѓа на Римокатоличката црква. Внатре во црквата Владиката и свештениците отслужија Молебен пред гробот на свети Марко. Во црквата на Свети Марко се наоѓаат моштите на светиот апостол Марко кои се донесени од Александрија египетска во Венеција во 829 година, а после три години е осветена и првата црква која е посветена на свети Марко. Денешниот, пак, изглед, оваа црква го носи од 1063 година, кога започнува градбата на денешната црква, која е осветена 1094 година.

 

 

  базилика во Равена           катедрала во Асизи

 

 

Следната цел беше убавиот град Равена, каде што се наоѓаат најубавите ѕидни мозаици кои потекнуваат од IV век. Поклониците ги посетија базиликата на Свети Аполинариј Нови, која е градена во првата половина на VI век. Свети Аполинариј е првиот Равенски епископ. Потоа базиликата S.Vitale, која е осветена од византијците во 548 година. Следната посета беше на мавзолејот посветен на Galaa Placida, изграден во средината на V век, чии ѕидови се прекриени со убави мозаици. Потоа Соборниот или Неонов баптистериум изграден во првата четвртина на V век, украсен со великолепни мозаици кои се сочувани до денешен ден.

 

 

  молебен над моштите на свети Кирил Солунски во базилика на Свети Климент Римски во Рим          Литургија во базиликата на Свети Никола во Бари

 

 

Патувањето продолжи за Рим. Попатно беше посетен и градот Асизи, родното место на Фрањо Асишки, римокатолички светител. Во градот се наоѓа огромна катедрала во која се чуваат моштите на Франческо од Асизи.

Во Рим поклониците ја посетија базиликата Santa Maria Maggiore, потоа базиликата Santa Prassede, а во базиликата на Свети Климент Римски Владиката со свештенослужителите отслужи Молебен над моштите на свети Кирил Солунски. Потоа беше посетена црквата на Свети Петар во вериги, Ватикан и Piazza San Pietro.

Следниот ден поклониците продолжија за Бари, каде што ја посетија базиликата на Свети Никола. Таму, при моштите на свети Никола, Владиката и свештенослужителите отслужија света Литургија. Моштите на свети Никола се пренесени од градот Мир во Бари во 1087 година.

 

 

                                   местото кадешто се чуваат моштите на свети Никола

 

По обиколката на градот поклониците со брод отпатуваа од Бари за Драч, од каде што се вратија во градот Охрид.

 

известува: свештеник Игор Никовски