Бигорски манастир (14.09.2006)
Во предвечерието на празникот Отсекување на главата на св. Јован Крстител, празник кој Светата Православна Црква торжествено го одбележува и посебно го почитува, со уште поголема радост и почит голем број на верници и посетители од разни националности и вероисповеди дојдоа во Бигорскиот манастир за да добијат благослов и да се помолат пред чудотворната икона на св. Јован Крстител. Во прекрасно уредената црква, верниците исполнети со голема радост и љубов и со молитвен дух кон патронот и заштитникот на Бигорскиот манастир, присуствуваа на Вечерната богослужба со која чиноначалствуваше Преосветениот епископ Баргалски г. Иларион, во присуство на надлежниот архиереј г.г. Тимотеј, како и во сослужение на архимандритите Партениј и Нектариј и свештенослужители од Дебарско-кичевската епархија, како и од Повардарската и од Брегалничката.
Во текот на вечерната богослужба еден од браќата (Костадин Пеев) кои подолго време се припремаат за монашки живот, ”стави метанија” и доби капа со што стана “послушник”.
До доцните вечерни часови продолжуваа да доаѓаат верници и посетители во манастирот кој се чинеше премал да ги прими, но сепак многу голем заради љубовта и грижата кои отсекогаш ги имале игуменот на манастирот, о. Партениј и целото монашко братство.
Утредента, на самиот празник, беше отслужена Божествена Литургија, а после Водосветот и прекршувањето на празничниот леб за сите присутни беше подготвена трпеза на љубовта, исто како и претходната вечер.
известува: јеромонах Доситеј