25 години од хиротонијата на Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј (30.09.2006)
Јубилејното чествување на 25-те години од хиротонијата во епископ на Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г.Тимотеј започна вчера со свечено Вечерна богослужба, која беше отслужена во катедралниот храм на охридските архиепископи, Света Софија во Охрид.
На Вечерната богослужба чиноначалствуваше Митрополитот Брегалнички г. Агатангел во сослужение на свештенослужители од Дебарско-кичевската и Повардарската епархија, и во присуство на Митрополитот г. Тимотеј и епископот Баргалски г. Иларион.
По завршувањето на богослужбата Владиката г. Агатангел од светиот амвон произнесе свечено слово во кое се осврна на делото на митрополитот Тимотеј истакнувајќи ја неговата заслуга на духовно и градителско поле, со кои во многу нешта даде пример преку себеси за Македонската Православна Црква. Свештенослужителите и верниот народ ги проследија мудрите зборови на митрополитот Агатангел и својата согласност за сето искажано ја потврдија со тројното пеење на „Многаја лета“.
Централната прослава на „Јубилејот 25 години Митрополит Тимотеј“ продолжува денес со Божествена Архиерејска Литургија, на која ќе чиноначалствува Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на сите архиереи на МПЦ, сите архиерејски намесници на Дебарско-кичевската епархија, како и сите свештенослужители на МПЦ кои се ракоположени од Владиката Тимотеј во текот на овие 25 години. Светата Литургија ќе биде отслужена во катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид.
На многу години, високопреосветен Владико!
известува: свештеник игор Никовски