Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан (02.10.2006)

“Сака ли некој епископство,

тој сака добра работа”(1.Тим.3,1)

 

Возљубени во Господа,

Во севкупната Божја грижа за спасение на луѓето, епископите имале и имаат свое место и своја улога.

Зборот првосвештеник, што значи - архиереј, во Светото Писмо се споменува двапати: еднаш во Стариот Завет - во книгата Левитска (3.Мојс.4,3) и уште еднаш во Новиот Завет - во Посланието до Евреите (Евр.5,5). Зборот епископ, го сретнуваме на четири места во новозветните книги: во Делата апостолски (Дела.20,28) во Посланието до Филипјаните (Филип.1,1), во Првото послание до Тимотеј (1.Тим.3,2) и во Посланието до Тит (Тит.1,7), како и еднаш терминот владика во Првото Петрово послание (1.Петр.2,25).

Светиот апостол Павле најдобро ја дефинирал службата на епископот, подвлекувајќи - сака ли некој епископство - тој сака добра работа.

Прв епископ во Ерусалим бил светиот апостол Јаков, во Рим бил Лин, а во Антиохија - Еводиј итн. Светиот апостол Јован Богослов во своето Отковение, пишувајќи до малоазиските цркви - секој епископ го именува ангел (Откр. 2 и 3).

Господ Исус Христос ја обединил во Себе свештеничката, учителската и пастирската власт предавајќи им ја на од Него избраните апостоли, за потоа службата апостолска да продолжи во дејноста и на нивните следбеници. Апостолите - Христовите ученици имале свои соработници и помагачи во спасоносната мисија, коишто, откако се покажале достојни во делото, биле поставени за епископи: Тимотеј, Павловиот сотрудник бил епископ во Ефес, Тит бил епископ на Крит, а Поликарп и Игнатиј Богоносец, учениците на свети апостол Јован во Смирна и Антиохија - така се востановила наследноста од едни на други, позната како апостолско преемство, што значи дека епископите се непосредни продолжители на Христовите ученици.

Според учењето на светата Црква, епископот е икона Христова, со служба во одредена помесна Црква, односно епархија, со задача да ги “усовршува светиите во делото на служењето за изградување на Телото Христово”, им објаснува светиот апостол Павле на Ефесјаните, пишувајќи им за улогата на епископите (Ефес. 4,12). Епископот е должен да ја чува, да поучува и да раководи во духот на верата; тој го има највисокиот степен во свештенството, ги извршува светите Тајни и има власт и над други, преку ракополагање, да им ги предава даровите на благодатта.

“Сите следете го епископот, како Исус Христос Отецот... Никој ништо да не работи, што се однесува за Црквата без знаење на епископот... Онаа Литургија е вистинска што се извршува со знаење и согласност на епископот...”, им пишува свети Игнатиј Богоносец на верните во Смирна (Послание до Смирјаните).

 

 

Возљубени,

Кога е во прашање Македонската Православна Црква, особено првите години па и децении по нејзиното возобновување, онаа Павлова констација... кој сака епископство сака добра работа - има уште поголемо значење и смисла.

Да се потсетиме: по повеќевековната јурисдикција на соседните цркви над македонските епархии, соблазнети од нехристијанскиот однос кон нас како народ, тешко и многу ретко се определуваа наши кандидати за монаштво, а уште потешко и уште поретко истите беа бирани во највисокиот клир на соседните цркви. Повозрасните паметат дека по Втората светска војна, освен некои руски монаси - емигранти, во македонските манастири многу малку можеше да се сретне Македонец - монах од порано, а, епископ - Македонец во Македонија, на епархија во Македонија, ниту еден! - Божја милост беше што го имавме Доситеј, избран за викарен епископ на Српскиот патријарх, кој, “кога се исполни времето” дојде во Македонија и изврши рамноапостолно дело за возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Во 1958 година, по изборот од учесниците на Вториот црковно-народен Собор тој застана на Светиклиментовиот трон, а, пак, со хиритонијата врз архимандритот Климент, за епископ Преспанско-битолски, извршена од патријархот Герман и архиепископот Доситеј, се здобивме со потребниот број архиереи - двајца, коишто понатаму можеа да ракополагаат други, како што предвидуваат светите канони на Православната Црква. Но, во тие години немавме многу кандидати подготвени за највисокиот ерархиски чин.

Во 1967 година, МПЦ имаше петочлен Синод, а потоа беа избрани: Ангелариј, за епископ Пелагониски, подоцна за Дебарско-кичевски митрополит и Поглавар на МПЦ, Горазд, за епископ Тивериополски и до неодамна митрополит Европски, па Гаврил за митрополит Повардарски и, по Ангелариј, трет архиепископ Охридски и Македонски... Но, во меѓувреме во Господа се упокија митрополитите Наум, Методиј и Климент. Навистина тие години за нашата Црква беа години на искушенија и полни со неизвесност заради недостатокот на епископи. Но, никој не е како Господа! По молитвите на светите Климент и Наум дојдоа нови архиереи. И еве, денес, во древниот катедрален храм на Охридската архиепископија, нè собра исклучителен повод: овде сме на светата Литургија - на Трпеза на љубовта, за да одбележиме убав јубилеј - 25 години архиерејска служба на митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.

Реков - убав и ќе додадам значаен јубилеј! - Убав, зашто има ли поубаво од тоа 25 години како епископ да Му служите на Бога и на својот народ?! Има ли поголем дар од тој - себеси да се дадеме за прослава на Бога на Неговите светии, да ѝ се дадеме на Црквата Божја, меѓу својот народ?

А, како да беше вчера! - Си споменувам за сега веќе далечната 1981 година: На 20 мај се упокои во Господа архиепископот Доситеј, на 13 јуни во Битола беше хиротонијата на митрополитот Петар, а на 10 септември во Бигорскиот манастир, од раката на архиепископот Ангелариј, беше извршено замонашувањето, а потоа следеа ракопроизводствата до архимандрит, за на 19 и 20 септември, во храмот на Св. вмч. Димитриј во Скопје, да биде извршено наречението и хиротонијата на г. Тимотеј за митрополит Австралиски.

Таква беше таа 1981 година: нашата Црква и нашиот благочестив народ - и тагуваа по блаженоупокоениот возобновител Доситеј и се радуваа на двете архиерејски хиротонии во лицето на Нивните Високипреосвештенства Петар и Тимотеј. Ваков јубилеј како денешниов веќе одбележавме во Битола, а, еве, по таков повод денес сме во Охрид.

Возљубени учесници и присутни во денешнава радост, митрополитот Тимотеј, како и многумина меѓу вас, го познавам од поодамна - повеќе од 35 години. Се запознавме во Богословијата 1969 година: јас бев во прва, а тој во трета година. Потоа, се најдовме и во Белград, како студенти на Богословскиот факултет, од кадешто, по дипломирањето и по краткото работење во Македонската архиепископија, замина на последипломски студии во Рим. По магистрирањето се врати од Рим, и ми помогна јас да отидам во Бари. Потоа, Господ сакаше конечно да бидеме заедно како членови на Светиот Архерејски Синод на МПЦ. Но, ќе се навратам накратко уште еднаш на првите години од познавањето со денешниов славеник. Си спомнувам, на времето како ученици, беше меѓу физички послабите, но меѓу најсилните по дух и меѓу подобрите по успех во својата генерација. Кроток со сокласниците и со другите ученици. Кога ќе  затребаше беше непопустлив и пред професорите. Со неговиот бунтовен дух си имаа мака и неговите класни раководители и ректорите. Знаеше да ја бара правдата пред секого и, кога беше во право, да не попушти пред никого! Тие карактерни особини ги задржа во голема мера и подоцна, а тоа му помагаше, кога од позиција на архиереј ќе требаше да подвикне по некого или да му нареди некому. Таков е и до денес...

 

Возљубени во Господа,

Годишнините и јубилејните чествувања се прекрасна прилика да погледнеме наназад, да се вратиме на почетокот и на личноста и на институцијата, во случајов - архиерејот и епархијата.

Овој свет храм, оваа Света Софија наша, Охридска и Македонска, е сведок за промените што таа ги доживеа во овие години под архиерејското управување на митрополитот Тимотеј. Сведок е и Охрид, градот Самоилов, Светиклиментов и Светинаумов, со нивните возобновени манастири од оваа и онаа страна на Езерово, и новата Митрополија и надградената Резиденција, и новата зграда во дворот на струшката и новата зграда на кичевската црква, и новиот конак во Рајчица и возобновениот и надградениот во Бигорски, возобновениот манастир во Манастирец и секако скоро целосно возобновените конаци во посебно, од Вас, владико, саканата Света Пречиста Кичевска... и новата црква на Света Петка во Струга, новата црква на Света Троица во Охрид и новите цркви во Вевчани, Љубаништа, Требеништа... На сите страни низ епархијата, во секој храм и манастир, во изминативе 25 години, оставивте дел од себе, се вградивте себеси во нив. А, таков бевте и во Австралија, како таков се потврдивте и во Повардарската епархија. Пред тоа бевте добар професор, но, ќе се согласите, израснавте во подобар архиереј. Ракоположивте голем број на свештенослужители во сите епархии со кои раководите. Извршивте монашки потстриг над многумина, па и врз мене, пред 20 години, да ви се позлати раката. Бевте и сте член на многу комисии, од онаа за разговори со СПЦ и со другите помесни Цркви до оние од просветно-издавачката и други дејности во нашата света Црква. Преведовте и објавивте најмногу наслови на црковни, богослужбени и богословски книги.

 Бевте и сте архиереј каков што ѝ треба на нашата света МПЦ. Големо е Вашето епископско дело, голема е Вашата архиерејска жртва и голем е Вашиот архипастирски труд, зашто во сите 25 години се потврдивте како човек кој вистински избрал што да биде, определуваќи се, по Божја промисла, да биде архиереј. Простете, владико свети, ако нешто, заради времето, не спомнав со ова слово, но Севишниот го знае трудот на Вашите раце (сп. 1. Мојс. 31,42) и Он нека Ве награди за сиот Ваш труд на македонската нива Господова.

Премудроста Божја, заштитничка на овој древен архиепископски храм, по молитвите на светиот апостол и епископ Тимотеј, по молитвите на светите Климент и Наум, на света Софија и нејзините рожби чиј спомен денес го празнуваме, нека Ви дарува уште многу години архиерејско служење во нашата света Црква. Амин!

На многаја лета, Високопреосветен владико!