Vesti i nastani
 
 
 
 
 

С О О П Ш Т Е Н И Е (16.10.2006)

Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква на својата редовна седница, одржана на 12 октомври 2006 г., покрај разгледувањето на редовните акти од делокругот на своето работење, одлучи од идната година да профункционира според Уставот, во работен и полн состав. Работниот состав ќе го сочинува Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан и четворица митрополити. Синодот, во полн состав, ќе заседава двапати во годината и него ќе го сочинуваат сите архиереи во Македонската Православна Црква.   

Светиот Архиерејски Синод внимателно го разгледа соопштението на Светиот Архиерејско Собор на Српската Православна Црква и сериозно размислува за возобновување на контактите помеѓу двете Цркви и за истото ќе ги информира и останатите помесни православни Цркви.

Бидејќи идната година е јубилејна, по повод 40 години од возобновување на автокефалниот статус на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква, Светиот Архиерејски Синод одлучи центаралната прослава да ја одржи во Охрид, на 14 и 15 јули 2007 г.

Светиот Архиерејски Синод ја разгледа и финансиската состојба на просветните институции во Македонската Православна Црква и заклучи да изнајде можни решенија за надминување на тешката состојба во Македонската Православна Богословија и Православниот богословски факултет.

Исто така, Синодот ги потврди закажаните термини за востоличување на г. Пимен за митрополит Европски, на 12 ноември 2006 г. во Малме, Шведска, и на г. Иларион за митрополит Брегалнички, на 19 ноември 2006 г. во Штип.

                                   

 

                                    ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА САС НА МПЦ