Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осветување на новата крстилница при црквата Свети Пантелејмон во Долно Нерези – Скопје (21.10.2006)

На 14 октомври 2006 година, на празникот Покров на Пресвета Богородица, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан благоволи да богослужи во црквата на Свети Пантелејмон во Долно Нерези.

Во раните утрински часови, пред портите на црквата, заедно со многубројниот верен народ од Нерези и околината, Архиепископот го пречекаа млади девојчиња облечени во народни носии, а Драгана, во името на сите му посака топло добредојде: „Ние, иако најмлади, сакаме први да Ве пречекаме и да Ве поздравиме: Добредојдовте Блажени Владико, благословете нé и просветете нé... Помолете се најнапред за нас, најмалите, за убаво, мирно и радосно детство; потоа и за возрасните, за мир и благосостојба на оваа измачена голготска земја, како и за вечен покој на невините души кои ги дадоа своите животи за верата и слободата...“

 

 

                                            

 

 

 

              

 

После светата Архиерејска Литургија, беше осветена и новата крстилница, која е дел од еден импозантен придружен црковен објект. По тој повод, во својата празнична беседа, Архиепископот истакна: „Пресвета Богородица е покровителка и на Скопје, на овој град и на овој крај, а со чинот осветување и на новата крстилница овде во Долно Нерези. Секој од нас, со своето духовно раѓање – со крштевањето, застануваме под покровот, под заштитништвото на Мајката Божја, но колку и како остануваме зависи од нас самите. Затоа треба да бидеме постојано внимателни во својот живот и да не дозволиме да биде отргнат од нас покровот на Пресвета Богородица, да бидеме отстранети од нејзината милост. А од нас самите, од нашиот живот зависи дали ќе ја чувствуваме врз себе топлината и закрилата на Богомајката или пак ќе живееме далеку од Неа и во “закрила”  на злото“.

 

 

                                                     

 

 

 

На празничната архиерејска Литургија, Архиепископот Стефан го произведе во протојерејски чин свештеникот Круме Јовановски, кој цели две децении богољубиво и ревносно ја извршува парохиската должност во Нерези. Заблагодарувајќи се на укажаната доверба и чест, во својата скромност рече: „Иако имам дваесет години парохиска служба, сé уште се сметам за млад и недоволно искусен... Свесен сум дека со унапредувањето од мене ќе се бара и поголема ревност, и поголема одговорност, пред Вас, како мој епархиски архиереј, пред моите парохјани и пред Бога“.

 

 

 

Празникот Покров на Пресвета Богородица се чествува во спомен на еден настан што се случил на тој ден пред цели десет векови, во времето на византискиот цар Лав Мудриот. Во црквата на Пресвета Богородица во Цариград, каде се служело сеноќно бдение и кога црквата била преполна со народ, некаде околу 4 часот наутро, над главите на народот, се покажала Пресвета Богородица, држејќи во рацете омофор - покривач, со кој како да ги покривала сите присутни во црквата. Овој настан, забележан од очите на присутните, за кратко време се раширил меѓу целиот христијански свет и почнал да се одбележува и празнува како ден кога Мајката Божја на видлив начин го манифестирала своето покровство, својата заштита над верните чеда на Христовата Црква. На тој ден Пресвета Богородица покажала дека сите ние сме под Нејзина заштита, односно дека Таа е нашиот покров, нашиот бранител од сите напади на злото.