Востоличување на Европскиот Митрополит г. Пимен (12.11.2006)
На 11 ноември 2006 година, на празникот на света Анастасија Римјанка, беше востоличен новоназначениот Митрополит на Европската Епархија, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Пимен.
Чинот на востоличувањето го изврши Поглаварот на Македонската Православна Црква, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, кој началствуваше со Светата Архиерејска Литургија, во сослужение со Митрополитот г. Горазд. На Литургијата покрај многубројниот верен народ присуствуваа и претставници од православните цркви во Малме, претставници на шведската црква и на шведската Влада, амбасадорот на Република Македонија во Шведска, Конзулот на Република Македонија во Берлин, претставници на Римокатоличката црква.
На официјалниот прием беа прочитани и телеграмите од Митрополитот на Српската Православна Црква за Велика Британија и Скандинавија г. Доситеј и на Митрополитот на Цариградската Патријаршија за Шведска и Скандинавија г. Павле.
За многу години, Владико!
Беседа на Митрополитот Европски г. Пимен
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух,
амин.
„Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание...„ (Марко 16,15). Оваа нова заповед Нашиот Господ и Бог и Спасител Исус Христос им ја дава на своите ученици и апостоли пред да се вознесе на небесата и пред да седне оддесно на Бога и Отецот. И според верата и послушноста учениците се распрснаа по сите страни на светот, светиот апостол Тома се упати кон Индија, светиот апостол Петар кон Рим, а светиот апостол Павле три пати одеше на проповеднички патувања по тогашниот познат свет. Векови подоцна, мноштво на светители го повторија овој подвиг. Светите Кирил и Методиј, нашите просветители и просветителите на сите словенски народи, се едни од нив. А нашата вера православна христијанска е жива вера и секој збор напишан во Евангелието е жив и секогаш актуелен и упатен кон секого од нас. И ние, како верен народ кој поверувал и се крстил во Неговото име, а особено ние епископите ако не ја исполниме оваа заповед, тогаш празна ќе биде нашата проповед и овој дел од Евангелието ќе биде само еден историски настан. Тогаш, имаме ли оправдание да не ја исполниме оваа заповед, дадена на апостолите, а преку апостолите и светите отци на Црквата низ вековите и нам денес.
Светиот Василиј Велики исповедал дека секаде е земја Господова и дека не се плаши да биде било каде. Така треба да исповеда и секој епископ, секој христијанин кој има вера во Бога, дека секаде е замја Господова и дека секаде е потребна нашата мисија.
Прифаќајќи ги со вера Христовите зборови и сведочењето и неустрашливоста на светиот Василиј, смирено ја прифатив одлуката на САС на МПЦ да ја возглавам Европската епархија. Епархија можеби не многу богата финансиски, но богата по дух. Прифатив и еве ме денес како еден од наследниците на апостолите, како епископ и митрополит пред овој народ собран од сите страни на светот, илјадници километри од татковината. Нека Господ Бог не ме остави ни мене и нека ни биде на сите нас на помош да ја исполниме заповедта, да ја зачуваме Црквата и душите кои ни ги довери.
Спремен сум, со Божја помош, да ја исполнам оваа заповед Христова не само тука, туку и насекаде низ мојата епархија, низ цела Европа. И по милоста Божја, на денот на страшниот Христов суд да застанам пред Бога и да одговорам: еве ме мене и моите деца што ми ги даде Бог.
И не само да ја исполнам заповедта, туку и да го посведочам Христа заедно со моите духовни чеда и на нашите ближни, на оние други народи што живеат околу нас.
Можеби се очекува и е ред да го кажам денес и мојот план за развој на епархијата, но порадо би сакал на секој јубилеј да покажам резултати отколку сега да ветувам. Можам да ветам само дека со моето свештенство ќе се трудам на нивата Божја, она што сум го затекнал да го сочувам и со Божја помош да го надградам.
Во оваа прилика, благодарност на мојот во Христа Бога брат, на митрополитот г. Горазд, на човекот кој 12 години стоеше на чело на оваа епархија и кој под притисок на побарувањата и потребите од чести и напорни патувања, со оглед на големината на епархијата, се повлече и го ослободи нејзиниот трон за денес јас да бидам востоличен во него. Верувам дека секогаш молитвено ќе нѐ покрива сите нас и му благодарам за цела оваа организациона поставеност на епархијата за јас денес да не почнувам од нула туку да продолжам онаму каде што митрополитот застана. Зборовите на св. Кирил: каде што јас застанав ти продолжи, кои му ги упатува на неговиот брат св. Методиј и испонителноста на св. Методиј на ветувањето дадено на својот брат секогаш ќе ми бидат поттик да продолжам и издржам во започнатото дело и еден ден кога ќе Му биде благоугодно на Бога и јас да ги упатам овие зборови на мојот наследник на овој трон.
Ваше Блаженство, Вашата визија за развој на МПЦ, Ве доведе денес тука да ја направиме оваа интронизација, да ги израдуваме верниците македонски во оваа епархија со првата интронизација која се случува во неа. Благодарност до Вас за грижата за цел македонски народ и на нас во Европа како неоттуѓив дел од тој македонски народ. Благодарност за честа што ни ја укажавте, токму Вие како поглавар на нашата Света Црква да го извршите примопредавањето на овој трон. Благодарност и ветување дека ќе соработуваме уште долги години на нивата Господова за да ги умножиме плодовите на љубовта, верата и надежта.
И до вас драги оци, браќа, сестри, драги гости и претставници на шведската и македонската држава, на нашите црковни општини, благодарност што еве притекнавте и се собравте од разни страни за заедно да ја споделиме оваа денешна соборна радост. Ветување до вас дека често ќе се гледаме и ќе соработуваме, не само тука во Малме како епархиско седиште, туку и насекаде каде што имаме наши православни црковни општини низ Европа, а секако и низ нашата ни мила татковина.
На домаќините би сакал да им кажам благодарам и да ги пофалам дека се прекрасни домаќини и уште подобри организатори и дека искрено се надевам на нивната соработка и на ниво на епархијата.
На крај само уште еднаш би сакал молитвено да се обратам до Бога, за да ги услиши моленијата на неговите угодници, а за нас рамноапостолните светите Климент и Наум охридските Чудотворци. На св. Климент како патрон на нашата света Црква македонска, а на свети Наум како патрон на овдешната црква и Светител со кој беше поврзана и мојата хиротонија лани на денот кога славевме 1100 години од основањето на неговиот манастир на брегот на Охридскто езеро. Да ги услиши и по нивните молитви да ми даде сила и разум правилно да го предавам словото на неговата вистина во сите денови од мојот живот.
Амин.