Осветување на темели на нова црква (13.11.2006)
На 12 ноември 2006 година, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение со свештениците Ромео Петрески и Игор Никовски, изврши осветување и положување на камен темелник за изградба на црква, која ќе биде посветена на великиот Претеча Христов свети Јован Крстител.
Црквата ќе се гради во непосредна близина на селото Горно Лакочереј (охридско), а со особени заложби на верничката од ова село, Нада Димитриеска, и прилози на верниците од Горно Лакочереј и пошироката околина.
На овој свечен чин присуствуваа голем број верници од селото Горно Лакочереј. Присутен беше и градоначалникот на градот Охрид г-дин Александар Петрески со претставници од општинската власт, како и претседателот на Месната заедница на Горно Лакочереј г-дин Климе Тренески.
По завршувањето на осветувањето Владиката ја благослови работата на мајсторите, кои ќе ги изведат градежните работи, потоа ги благослови и празничните лебови и сите присутни се упатија во селскиот храм посветен на Св. Николај Чудотворец, при црковната сала, каде што Одборот за градба на црквата на Св. Јован Крстител приреди и послужи ручек.
известува: свештеник Игор Никовски