Vesti i nastani
 
 
 
 
 

ПРОПОВЕДАЈТЕ И СО ЗБОР И СО ДЕЛО (20.11.2006)

Овие неколку години во историјата на Македонската Православна Црква ќе бидат забележани како исклучителен период, како време со многу искушенија, но и време со многу радости. На овој свечен чин и ден за радост, ќе ги спомнам само настаните кои што ќе ни ја поткрепат денешнава свеченост овде во Штип, градот повеќевековна епископска столица на Брегалничката епархија. Имено, како денешнава, во текот на оваа година имавме уште три вакви свечености: во Торонто, Канада - за Американско-канадската македонска православна епархија, во Велес - за Повардарската епархија, во Малме, Шведска - за Македонската православна епархија за Европа и, еве, денес во Штип - за Брегалничката епархија.

            Седиштето на епископот е срцето на епархијата! Тоа е место од каде се организира и, со Божја помош, преку раководство на архиерејот, се одвива животот во соодветната епархија. Оваа практика, да се поставуваат епископи на одредени места како седишта од каде се управува еден град или една цела област е уште од апостолско време: свети апостол Јаков седнал на ерусалимскиот трон, како прв епископ на најсветиот град;  светиот апостол и евангелист Марко ја организирал Црквата во Александрија и бил прв на нејзиното седиште. Свети апостол Павле за епископи ги поставил своите соработници: Дионисиј Ареопагит во Атина, Тимотеј да раководи со Црквата во Ефес, Тит со Црквата на Крит, Карп во Бер итн.

            Со ширењето на христијанството во Македонија и таа добила свои епископи, односно епископски седишта. На светиот апостол Павле и Македонци му помагале во неговата мисија (Дела 19,29), а македонските градови Филипи, Солун, Бер и други уште во негово време постанале црковни општини и епископии. Уште во II век, и Стоби, и Хераклеја, и Баргала, и Скупи и други градови и места се епископски седишта во Македонија. Во времето на славниот Јустинијан, најголемиот градител и почитувач на христијанството, Македонија ќе добие, по примерот на црковните области на Исток, своја цркова целина, позната како Архиепископија Јустинијана Прима, организирана Црква врз која ќе продолжи и свети Климент Охридски, како и славната Охридска Архиепископија.

            Македонија, низ сите христијански времиња е земја на верата, а Македонците – народ со Бога и со Црквата. А и ништо толку трајно, ништо толку видливо не останало и не останува како делото христијанско, како духовната тврдина надградувана во сите дваесет христијански векови во Македонија. И денес восхитуваат со својата убавина остатоците од ранохристијанските базилики, како и средновековните фрески и икони, архитектурата и сè што е создавано и градено во име на крстот и на верата наша христијнска. Тоа се дела чија вредност и убавина им ги признаваат и почитуваат и најстручните и најспецијализираните во областа на духовната култура и уметност, и меѓу нас и меѓу научниците во светот.

            Само оној човек или народ, кој што духовните дарови ги собрал и длабоко во себе ги носи, само тој може да создава такви духовни убавини, да твори цивилизациски вредности за сите времиња! Ние, македонскиот народ, треба да бидеме горди на создаденото духовно богатство од нашите предшественици  и да се погрижиме - уште подобро истото да се чува и заштитува. Во тој поглед Штип и Брегалничката епархија можат да бидат за  пример: само овде во овој град има две галерии со икони.

            Македонската Правослвна Црква, помогната од надлежните и стручни институции во државата, и покрај разграбените и уништените од разни освојувачи и невремиња над нашиве простори, треба да продолжи со грижата и околу сакралните предмети и околу сакралните објекти. Нам и на идните генерации ни преостанува  одговорноста - и да го чуваме и заштитуваме, и, секако да создаваме нови во духот на препознатливата македонска црковна уметност и архитектура.

            Вископреосвештен владико Иларионе,

            Вашиот претходник, Неговото Високо Преосвештенство Митрополитот г. Агатангел, Ви остава мирна и смирена епархија од некогашните бранувања, Ви остава епархија духовно надградена и со многу започнати а некои веќе и довршени градби. - Продолжете оттаму до каде што тој стигна! Има уште многу работа, треба уште многу градби! Но, најмногу градете ја и надградувајте ја Црквата во душите и срцата на доверениот Ви народ Божји. Служете Му на Бога и на духовните чеда, проповедајте го Евангелието -  Словото на Љубовта - и со збор, и на дело! 

            - Епископот треба да живее и да постапува како што му доликува на епископ. Управувајте со оваа епархија како вистински домороден владика, како архипастир кој што ќе се грижи за довереното му духовно стадо. Сакајте го овој народ, свештенослужителите и монаштвото - сакајте ги сите, зашто преку љубовта ќе ја покажете и смиреноста, и чесноста, и кротоста, и мирољубивоста, ќе покажете дека Го носите Бога во себе и сè она што треба да го краси  вистинскиот архипастир.

            Вие, возљубен брате Иларионе, по Божја милост и по молитвите на свети Николај епископот Мирликијски и на свети Иларион епископот Мегленски, дојдовте во исклучително и значајно епископско седиште, застанавте на чело на древна наша епархија, добивте да раководите простор со долга и богата духовна традиција и крај со развиен црковен живот. Слеговте од Лесново, од тој наш Сион, од љубеното манастирско светилиште, кое што никој, кој вистински го засакал, неможе да го напушти дури и откако ќе се отсели од него! Вие знаете – до Лесново како и до секој манастир тешко се искачува, тешко се стигнува, но од манастирот уште потешко се слегува и се заминува од него! Но, знам дека Лесново како и секоја обител може и од секаде да се почитува, и од далеку да се сака и да се живее со него. Таму, покрај манастирската убавина, и Лесновскиот пустиножител свети Гаврил и светогорскиот подвижник и свет епископ Гаврил Парнишев - Ве привлекуваат, како и многумина, со својата светост и чудотворство. Продолжете да се грижите и за тоа до неодамнешно Ваше живеалиште, грижете се за монашкото братство и за сиот манастирски живот. Но, потрудете се искуството од Вашето досегашно ангажирање и духовно раководење со Лесновската обител да го пренесете и во другите манастири и низ целава епархија.

            Бидете архиереј каков што му доликува и на овој град и на оваа епархија: и овде во Штип и во Пробиштип, и во Свети Николе и во Радовиш, и во Кочани и во Виница, и во Каменица и во Делчево и по сета Брегалница! – Насекаде овој наш народ знае да почитува владика, заради Господа, но знае и да не сака, знае да отвори но и да затвори врати, дури знае и да протера владика, заради љубов кон Бога и кон Црквата своја.

            Господ, Вечниот Архиереј, нека Ви помага и на Вашата младост нека ѝ подари и потребна мудрост за да имаме вистински архипастир, каков што ѝ треба и на Брегалничката епархија и на МПЦ. Амин!

            На многаја лета, Високопреосвештен Владико!