Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Успение на Пресвета Богородица – Ново Село, Штип (07.12.2006)

На 04.12.2006 година, на празникот Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста, Митрополитот Брегалнички г. Иларион отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот на Пресвета Богородица во Ново Село – Штип.

На Литургијата ѓаконот Влатко Мирасчиев беше ракоположен во свештенички чин.

Пред многубројниот народ Митрополитот Брегалнички во својата беседа, го поучи новоракоположениот свештеник за неговите права и должности и меѓу другото рече: “Денес тебе Господ те повикува да им бидеш отец на сите, да бидеш жртва за поверената ти паства, да се принесуваш секојдневно на жртва за спасение на оние души што Бог ќе ти ги повери, да ги чуваш, да ги раководиш, духовно да ги нахрануваш, да ги пазиш од разни непријатели, од внатрешни и надвореши, и пред Христа да ги претставиш како чисти, свети и осветени. Христос Кој денес те повикува за да ти испрати благодат преку Светиот Дух, сите тие души коишто ти се поверени ќе ги бара од тебе. Те повикува денеска духовно да ги раѓаш, бидејќи ќе станеш отец на многу души, затоа што духовно ќе ги препородуваш, духовно ќе ги обновиш и ослободиш од прародителскиот грев и ќе ги подготвиш за вечен живот. Внимавај што примаш денес, внимавај на заклетвата што ќе ја прочиташ пред сите нас и пред Бога и труди се да живееш праведно и богоугодно, угледувајќи се на Небесниот Архипастир, на светите Отци кои Му угодија на Христа низ својот живот и нека ти бидат поука, пази се од порочен живот, не биди злобен, туку сите примај ги со љубов и со љубов испраќај ги кон вечноста, сите приведувај ги кон светата Црква, чувај ги и испраќај ги во Царството Небесно, со радост и со надеж на воскресение во вечен живот…”