Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Скопје (09.12.2006)

“Оче Клименте, како голем светител,

Ти имаш слобода пред Господа,

затоа издигни нè над злодејството на злоусрдните

и биди ни најсилно засолниште!”

                                                                        (од Канонот на Светителот)

 

Според долгогодишната традиција, и годинава свечено беше одбележан денот на свети Климент Охридски, Плаошкиот Чудотворец и патронот на нашата света Црква.

Одбележувањето започна со свечена прослава во Македонска православна богословија “Св. Климент Охридски” во Драчево, Скопје, вторник, на 6 декември 2005 година. Со вечерното богослужение во црквата “Св. Спас” чиноначалствуваше Митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј, во присуство на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот Архерејски Синод на Македонската Православна Црква. Потоа свеченоста продолжи со пригодна духовна академија во Богословијата.

Празничниот леб го прекрши Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, а овогодишен кум беше господин Џорџе Арсов, градоначалник на општина Кисела Вода - Скопје. Беа доделени вообичаените светиклиментови награди за најдобри дела во проза и поезија, а свеченоста беше збогатена со прекрасното пеење на богословскиот хор.

Спроти празникот, на 7 декември, во Архиепископскиот соборен храм “Св. Климент Охридски”, се одржа едноцрквие - празнична вечерна богослужба и потоа свечена духовна академија, на која отец Зоран Пецовски произнесе реферат по повод празникот, а хорот при соборниот храм и при Богословијата исполнија неколку црковни композиции.

На денот на празникот, на 8 декември, во соборниот храм на Св. Климент Охридски, се отслужи Архиерејска Божествена Литургија, на која чиноначалствувше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитот Европски г. Горазд, како и на бројно свештенство од Епархијата. Во ѓаконски чин беше ракоположен Горан Трпчевски, дипломиран теолог и секретар на Православниот богословски факултет “Свети Климент Охридски”.

Нека ни е честит празник и вековито чествувањето!