Архиерејска Божествена Литургија на празникот на свети Климент во Тетово (10.12.2006)
Во сите епархии на Македонската Православна Црква се одбележа патрониот празник на св. Климент Охридски. Па така и во Полошко-Кумановската епархија свечено, со сите црковни почести се одбележа патрониот празник. Свеченоста се одбележа во Соборниот Храм на Св. Кирил и Методиј во Тетово, со свечена Архиерејска Богослужба чиноначалствувана од надлежниот епархиски Архиереј, г. Кирил и повеќе свештеници од тетовското и гостиварското Архиерејско намесништво.
На самата Богослужба, Митрополитот г. Кирил, го ракоположи во свештенички чин ѓаконот Жарко Мицковски, кој моментално е професор во Македонската Православна Богословија. По повод празникот и свечениот чин, Владиката го произнесе следното слово:
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух,
Возљубени браќа и сестри во Господа, драги дечиња и младенци, вчера и денес како ката-година така и оваа, Македонската Православна Црква и целиот наш Македонски богољубив Народ тука во нашата родна и мила Македонија и насекаде, по сите меридијани од земјината топка, каде што нѐ има, а нѐ има многу, го чествуваме споменот на светиот наш отец Климент Охридски Чудотворец, основоположникот на древната и славна Охридска Архиепископија во XI-от век, денес олицетворена во нашата Македонската Православна Црква. Го чествуваме втемелувачот на македонската просвета, култура и книжнина. Вчера и денес претпразнично си спомнуваме за светителот, кој пред тринаесет векови, како редок син од македонскиот род и верен последовател на бесмртното дело на рамноапостолните, солунските браќа Кирил и Методиј, ја отпочнал широката интензивна религиозна и културно-просветна дејност на благородното тло од родна библиска Македонија. Св. Климент е знаме и светол символ на нашите црковно-народни идеали и вдахновител на нашата силна вера и верба за подобра иднина и вечен опстој на просторот од родна и мила Македонија и насекаде каде што нѐ има. Тој со своето благодарувачко оставено трајно епохално дело е современик и на нас што живееме во денешно време, во XXI-от век. Св. Климент е најдаровитиот ученик на светите браќа Кирил и Методиј, ги слушал нивните божествени и евангелски зборови и со своите очи ги гледал нивните богоозарени ликови и евангелски дела. Бидејќи, свесен оти со својот животен говор може да допре само до своите слушатели, а не и до целиот богољубив народ и до генерациите што доаѓаат по него, тој основал, како што ни е познато, Универзитет во нашиот стародревен град Охрид, со гордост наречен македонски и сесловенски Ерусалим, прв од ваков вид, не само на балканските-европските, туку и на просторот на целата земјина топка. Како што е познато, низ оваа високо-просветна богословска институција во текот на триесет години поминале скоро три илјади и петстотини ученици.
Свети Климент знаел, а и другите постојано ги учел дека мрзеливоста е лоша мајка и учителка на секое зло. По седумгодишни напорни мисионерски и просветителски дејности, свети Климент бил хиротонисан за епископ. Тој бил првиот словенски и македонски епископ од средновековието кој прв почнува да богослужи на јазикот на македонските словени. Храна му била постојаната грижа за македонскиот народ, се грижел и помагал, особено на сиромасите, болните, на вдовиците и сирачињата. Се трудел цели педесет години во извршување на Божјото дело. Се упокоил во Господа во 916 година. Господ го прославил со светителскиот ореол, на вечна слава и наша трајна благодарност. А нашиот благороден народ за сѐ што им дарувал уште за време на неговиот земен живот го почитувал како светец, а бил и чудотворец. Ние, Македонците, сме светоклиментови духовни чеда и највистинските продолжувачи на неговото епохално големо дело. Сето ова нѐ исполнува и со радост, со гордост, но и со големо чувство на одговорност пред свети Климент, пред Бога и пред нашиот богољубив христијански народ.
Денес и вчера, како што рековме, молитвено се помоливме на нашиот Чудотворец, свети Климент, да се застапува во блажен мир да почиваат душите на сите наши предшественици, особено на блаженоупокоениот Доситеј кој на денешниот ден исполнува точно 100 години од неговото раѓање, од неговото овоземно живеење. Свети Климент е патрон на нашата Богословија и Богословски Факултет, на голем број просветни и научни институции во нашата татковина. На него имаме посветено голем број цркви и манастири и во прекуокеанските земји. Тој со еден збор е втемелувач и знаменосец на нашето национално и духовно македонско сознавање и препородување. Затоа и нашата Света Македонска Православна Црква ја именуваме Светоклиментова.
И ние, браќа и сестри во Господа, кои денес вака го чествуваме неговиот свет именден, ако сакаме да бидеме негови вистински достојни чеда и ученици и чеда на нашата Татковина и Света Црква, треба да се угледаме на него во сѐ. Да гориме со пламенот на неговата вера, неговото трудољубие, проникнати со чесно македонољубие, да бидеме неукорни во извршувањето на добрите и хумани дела за нашиот Народ и Црква.
Да се помолиме на Свети Климент и натаму да нѐ вдахновува и да нѐ умудрува, тој да раководи со нашата татковина, Света Црква, та заедно со целиот наш Македонски Народ да одиме во пресрет на поголеми достигнувања и полна животна радост.
Нека ни е вечен патрониот празник, да се надеваме дека од нашата актуелна власт ќе биде послушан гласот на нашиот богољубив народ, дека догодина празникот на Свети Климент ќе биде прогласен за државен и национален празничен ден, за да можеме да се собираме што побројно, особено да се собираат дечињата, нашиот најголем дар, гордост и иднина, за да можеме поизворно да ги запознаваме со делото на Св. Климент и сите оние учители, просветители, маченици, борци за народна и духовна слобода кои и го подариле животот на татковината, за да можеме денес гордо да речеме дека сме чеда Божји, чеда на Македонија и нашата Светоклиментова Црква. Амин!
По свечената беседа на Високопреосвештениот Владика, беше одржана и Духовна академија на која настапи женскиот хор „Менада“, под диригентство на маестро Ивица Зориќ.
Подготвил: свештеник Синиша Ристовски