Последни настани од Американско-канадската македонска православна епархија (14.12.2006)
Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Американско-канадски г. Методиj во периодот од 06 - 10 декември беше во редовна канонска посета на црквите во Охајо.
Во текот на посетата на црковните општини беа отслужени празнични вечерни богослужби и архиерејски Литургии, по кои Mитрополитот Методиj оствари средби со управите и верниците во следниве црковни општини:
На 06 декември во Колумбус, Охајо, во новоосветениот катедрален храм посветен на Успението на Пресвета Богородица, Митрополитот Американско-канадски г. Методиј имаше средба со членовите на црковната управа и верниците при што беше информиран за активностите и работата во оваа црковна општина.
А на 09 декември, на празникот на преподобен Алимпиј Столпник и светиот великомаченик Георгиј (посен) во новоосветениот храм во Колумбус беше отслужена Архиерејска Божествена Литургија.
На 07 декември во Синсинати, Охајо во храмот на свети Илија, имаше средба со управата, а на патрониот празник на Македонската Православна Црква, на свети Климент Охридски Чудотворец имаше Архиерејска Богослужба со која чиноначалствуваше Митрополитот г. Методиј во сослужение на свештенослужителите од цркивите во Охајо и молитвено учество на верниот народ.
На 09 декември во Лорејн - Охајо, во храмот посветен на Св. Климент Охридски Чудотворец со молитвена вечерна богослужба чиноначалствуваше Митрополитот г. Методиј.
По вечерната богослужба се одржа и свечен банкет на кој присуствуваа голем број верници. Свеченоста беше збогатена со прекрасната изведба и настапот на младата фолклорна група „Гоце Делчев”.
Утредента на 10 декември во истиот храм беше отслужена Архиерејска Божествена Литургија. На која преку нашиот патрон Св. Климент Охридски се помоливме на Севишниот Бог да ја зајакне нашата молитва, да ни ја зацврсти љубовта да нѐ утврди во верата, и овој наш храм да биде место на наше славење и возвеличување на Бога, место на наша постојана средба и разговор со Него и место на наше христијанско братско разбирање и слога.
По Архиерејската Божествена Литургија имаше средба со управата и верниците и беше разговарано за прашања кои се од витално значење за оваа црковна општина.
Истиот ден беше посетена и црковната општина во Кентон – Охајо, во храмот на Св.Никола, при што се оддржа работен состанок со управата и верниците.