Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Донаторска конференција за доизградба на Милениумскиот крст на Водно (15.12.2006)

На 11 декември 2006 година во хотелот Александар Палас се одржа донаторска конференција за доизградба на Милениумскиот крст на Водно. На конференцијата земаа учество над четиристотини гости, каде покрај Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил и Епископот Хераклејски, г. Климент, присуствуваа г-дин Никола Груевски, Претседател на Владата на Република Македонија, повеќе министри, градоначалници, стопанственици, амбасадори и свештеници.

 

 

 

                  

 

 

 

МИЛЕНИУМСКИОТ КРСТ - ГРАДБА ЗА БОГА И ЗА СЕБЕ 

           

“Само она што од вера и со љубов е започнато, само за тоа има и надеж дека ќе се заврши!”

 

Возљубени во Господа,

Гледајќи ве сите овде дојдени, а поаѓајќи од желбата што нѐ собра и, имајќи ја предвид, верувам и подготвеноста кај сите да се дарува, да му се помогне на поводот за којшто сме поканети, би можел да речам - ако со љубов започнавме, ако со љубов градевме, ќе најдеме љубов и да го доградиме, да го дозавршиме Милениумскиот крст на Водно!

Во животот на секој човек и во историјата на секој народ - ништо не станува случајно: ни раѓањето, ни упокојувањето, ни градењето, ни уривањето, ниту издигнувањето, ниту паѓањето... – Сѐ е по Божја волја!

Зарем само за нас, во Македонија, беа 2000 години од доаѓањето на Бога на земјата, или ние бевме најмоќните тоа на ваков начин да го одбележиме!?

Бог, во Својата промисла, на Македонија ѝ  давал и ѝ дава од Својата милост: тогаш кога требаше да се прошири христијанството, свети апостол Павле дојде во Македонија, како и тогаш кога требаше да се зацврсти христијанството во дел од Европа, пак беа избрани наши луѓе од Македонија светите Браќа од Солун и нивните помошници.

И ова со крстот во Македонија, треба да веруваме - не е случајна градба! Но, обично, подоцна ги разбираме пораките што ни доаѓаат одозгора. А, досега, како по правило, за Бога сме граделе кога ни било најтешко, и сме изградиле дела со кои и ние денес се гордееме.

Јас верувам дека и во ова наше исклучително време ќе најдеме сили да го доградиме започнатото дело.

Економската не е најтешката криза, туку моралната! Еве ни прилика да покажеме дека во нас живее духот на нашите претходници, духот на верата и традицијата прадедовска. Да потврдиме дека  најсилното  и најсветото во човекот и во секој народ, го имаме и ние во нашава генерација.

Навистина, големите дела бараат многу жртви и многу средства... А, Милениумскиот крст е големо дело! Тоа е нова тврдина, ново Кале, нов Исар... Крстот на Водно е крепост и завет на оваа за идните наши генерации.

Во 2002-та стигнавме до таму до каде што се можеше.

Тогашните членови на Фондацијата го направија тоа што можеше тогаш да се направи, благодарение на даренијата од верниците, од работните организации - во приватна и државна сопственост, а особено со помошта и разбирањето на тогашната Влада - Крстот се издигна во сета своја убавина и израсна во сета своја височина.

Остана уште малку, а тоа малку е значајно не помалку од направеното: Заштитата на металот, изолацијата на бетонот, осветлувањето, и, секако, пристапот му се потребни на Крстот, за тој, конечно, да ги има и вистинскиот изглед и вистинската намена.

Вечерва сме собрани токму за тоа: Да го помогнеме доградувањето на Милениумскиот крст! Да дадеме во име на верата, љубовта и надежта, во име на добродетелите што треба да го красат секој човек!

- Давајќи за Крстот, всушност, даваме за себе, градејќи го Крстот - себе си се вградуваме во него, дарувајќи за Крстот да се догради, си даваме можност и тој, и Крстот нас да нѐ гради и надградува... 

А, Крстот гради само вистински личности и само добри општества. Затоа и ќе потсетам: долго траат само градбите градени од градители со визија и од личности кои што градбата им била пред сѐ!

Еве, само за миг да се прошетаме со мислите, низ нашата земја и ширум по Европа и по светот, и ќе видиме што останува да трае, да биде сведок пред генерациите и пред времињата!?

- Градбите сведочат за себе и за своите градители. Ние имаме прекрасна можност да доградиме градба за многу времиња, градба што ќе сведочи за нас како народ и за ова наше време.

 

Милениумскиот крст од Македонија е веќе позната градба на сите страни по светот. Информацијата за неговото подигнување, а особено за чинот од 28 август 2002 г., и со збор и со слика, стигна на сите меридијани. Тој Крст веќе постанува белег на Македонија, зашто, по сите оценки, е проект и градба за приказ: И по своето велелепие, и по својата грандиозност! Но, ќе се согласите, најубава и најголема е самата идеја за него, како и желбата, и, секако, подготвеноста, по повод на големиот Јубилеј на Христијанството - таа идеја да постане стварност!

Возљубени, ние ја имаме историската прилика да се вградиме во градба што ќе има цивилизациско значење, во дело што ќе го почитуваат сите поклоници на вистинските вредности и убавини. Крстот на Водно не е градба само за онаа планина над Скопје и само за ова наше македонско небо, туку е градба што не се омеѓува и им припаѓа на сите височини и на сите неба!

Затоа, Ве повикувам да даруваме за да имаме со што да се гордеме, да дадеме денес, за да има што да остане по нас! И, да не заборавиме: Кој гради за Бога, тој за себе вечен спомен и споменик си подига! И кој на Бога Му дава, тој, всушност, за себе добива!

Господ, Милостивиот и Дарителот на сѐ, нека го награди секое дарување и нека нѐ вгради во вечната градба горе на небото. На многу години! Амин!


 

                                                                                                                  Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски