Штип и Свети Николе го одбележаа својот патрон и заштитник - свети Никола (20.12.2006)
На 18.12.2006 година во соборниот храм на Свети Николај во Штип и во храмот на Свети Николај во Свети Николе, се отслужи вечерна богослужба во чест на Свети Никола, кој со одлука на надлежните Собранија е прогласен за патрон и заштитник на овие градови.
Чествувањата продолжија и утредента, кога Штипјани масовно дојдоа во соборниот храм на Литургија. На Литургијата чиноначалствуваше Поглаварот на Македонската Православна Црква, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со Митрополит Брегалнички г. Иларион, поранешниот Европски Митрополит г. Горазд, како и голем број свештенослужители од Брегалничката епархија. Соборниот храм беше преполн со луѓе, кои во потполна тишина ја следеа Литургијата.
Истиот ден, во 13 часот, Архиепископот г. г. Стефан, заедно со Митрополитите г. Иларион и г. Горазд беа во Свети Николе, градот кој го носи името на Свети Никола и во чест на тоа, Општината на плоштадот организираше свеченост, каде што беше пресечен и славскиот колач.