Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Друштвото на писателите на Македонија (23.12.2006)

Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија се оградува од ставот на членот на претседателството Бранко Цветковски за автокефалноста и непризнавањето на Македонската Православна Црква.

 

Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија, на седницата одржана на 1 декември, го разгледа ставот на членот на Претседателството Бранко Црветковски околу автокефалноста и непризнавањето на Македонската Православна Црква, изнесен во весникот „Фокус“ бр. 593.

Претседателството на ДПМ се оградува од ставот на Бранко Црветковски дека македонското црковно прашање е „најнејасното прашање“ и „врвна контрадикција“ и дека „со самопрогласувањето на нашата црква е оставен длабок процеп меѓу јасните правила на единствената црква и нејасните амбиции на политичките елити кои раководеле со Македонија“.

Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија со индигнација го отфрла памфлетски изнесениот став на членот на Претседателството на ДПМ Бранко Цветковски дека автокефалноста на Македонската Православна Црква е производ на „нејасните амбиции на политичките елити кои раководеле со Македонија“.

Претседателството на ДПМ не сака да биде коректив на индивидуалното  мислење на еден негов член, но со оградувањето од таквото мислење јасно става до знаење дека никој нема право на било кој начин да ја инволвира македонската писателска асоцијација во матни игри со политикантски карактер. Македонските писатели не чувствуваат потреба, како што тоа на перфиден начин го изјавува Бранко Цветковски, да трагаат до „првиот респектибилен лексикон“ за да си ги објаснат, според него, „заплетканите поими и сознанија во однос на прашањето за македонската црква“. За македонските писатели македонското црковно прашање не е „нејасно прашање“ како што вели Бранко Цветковски. Македонското црковно прашање е прашање на македонскиот идентитет, прашање на длабоките духовни традиции на македонскиот народ, тоа е прашање на македонската култура, писменост и просвета.

 

Скопје, 4 декември 2006 год.                                                                                 Претседателство на ДПМ