Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Велес (05.01.2007)

Во последниот ден од календарската 2006-та година (31.12.2006) на денот посветен на Светиот маченик Севастијан и другите со него и на Светиот Модест Ерусалимски, во дваесет и деветтата недела по Педесетница, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел благоволи во сослужение со повеќемина свештенослужители од Повардарската епархија да отслужи Божествена Архиерејска Литургија во црквата на Успението на Пресвета Богородица во Велес.

 

 

             

 

 

 

            

          

 

На оваа Литургија, на која прекрасната атмосфера со своето ангелско пеење ја надополни Епархискиот хор ,,Св. великомаченик Пантелејмон“ од Велес, во присуство на многуброен верен народ, нашата Македонска Православна Црква доби уште еден ѓакон во лицето на завршениот богослов Станчев Ангел - досегашен референт во Повардарската епархија.

 

             

 

 

 

              

 

 

На крајот пак од службата Митрополитот Агатангел произнесувајќи пригодна беседа, му го честита чинот на новоракоположениот ѓакон Ангел, притоа укажувајќи му на тоа што значи да се биде „ангел во тело“, мислејќи на ѓаконскиот чин и важноста на истиот за време на служењето на Светите Литургии, за на крај да му посака со иста ревност како што досега ја извршуваше административната служба, да ја извршува и оваа која ќе му служи за спасение. Потоа меѓу народот беа поделени брошури со најразлични поучни текстови за тоа ,,како треба да се однесуваме во Домот Божји“.

 

                                                                                                                известува: Свештеник Борислав Бобевски