Божиќна порака на Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил (05.01.2007)
Драги браќа и сестри во Господа, мили дечиња и младенци,
По повод радосните, светли и торжествени празници Божиќ, Нова година и Богојавление, со најискрена евангелска архипастирска љубов, ви испраќаме искрени честитки, мир и благослов од родениот Витлеемски Богомладенец, поздравувајЌи ве со величенствените традиционални поздрави
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
и нека ни е од Бога благословено, мирно и бериќетно новото 2007 Лето Господово!
БЛАГОЧЕСТИВИ ХРИСТИЈАНИ,
Престојното 2007 Лето Господово, во кое што со Божја милост и помош туку што почнавме да чекориме, а е од особено значење за нас, чедата на родната мајка Светоклиментова МПЦ и во татковината и по сите меридијани од земјината топка.
Нашите души и срца ќе треба да бидат исполнети со ретка и огромна искрена, национална и црковна љубов и радост. Сите овогодишни празнувања по величествената милост Божја ќе ни бидат збогатени со значајни содржини и торжествено одбележување на 40 години творештво и растеж на нашата возобновена Охридска Архиепископија како Автокефална Македонска Православна Црква, како и по Божјо провидение, и наше четири децениско Архипастирствување на својот сакан благочестив народ и на својата мајка Светата Црква.
На 17 И 18 јули 1967 година, во древниот македонски и сесловенски Ерусалим - Охрид ја исправивме големата историска неправда со која во 1767 година беше незаконски пресечен крвотокот на нашата древна Охридска Архиепископија. На овие настани треба да гледаме гордо и смело. Го доживуваме нашето ново црковно-духовно и сенародно воскресение преку обновата на автокефалноста на нашата Света Црква. Историските придобивки за својот народ, татковина и Света Црква се свети и неменливи.
Затоа, драги браЌа и сестри, да се радуваме молитвено и да се веселиме во сите денови од новото јубилејно лето, денови на радост, среќа и победа кои што Господ ќе ни ги благослови и дарува да ги живееме, та заедно со целата небесна хиерархија да пееме: Нека Му е слава на Бога во висините, на земјата мир, добра волја меѓу луѓето!
На Божиќ, на овој величествен и светол празничен ден го прославуваме најрадосниот историски настан на светата Христова Црква за спасение на човечкиот род. Му се радуваме на раѓањето на Господ Исус Христос од непрочната Пресвета Дева Марија во Витлеемската пештера. Го величаме Спасителот на светот. Спознавајќи ја оваа евангелска вистина, со којашто како чеда на светата Христова Црква живееме 2000 години, успеавме да чекориме по патот на Христовата Светлина која едноставно нѐ води до Царството Божјо, до рајските предели.
Христос Спасителот слезе од небесата на земја за да ни даде можност и ние како чеда Божји да се воздигнеме до небесните височини. Новородениот Витлеемски Богомладенец ни ги донесе и ни ги дарува толку потребните нешта за наслада на нашите души - мирот, слогата и братската и сестринска евангелска милост и љубов, притоа оставајќи ни ја во аманет пораката: Мир ви давам, мир ви оставам да се љубите еден со друг!
БРАЌА И СЕСТРИ ВО ГОСПОДА,
Сите ние верните и сеодајни чеда на родната и мила Македонија и на нашата Светиклиментова МПЦ, имаме свет и возвишен долг да се поготвиме со висок пиетет и во сенароден патриотски дух уште подлабоко да го втемелиме долгот и аманетот од нашите предшественици во одбраната и сочувањето на честа, гордоста и достоинството македонскиот род, Македонија и вечноста на нашата Света Автокефална Црква. Торжествено да го одбележиме бериќетното творештво и да ја прославиме - 40-годишната историска поделба на правдата над неправдата. Овој светол историски настан мораме истрајно да го пазиме за да остане бесмртен во нашето битие, бидејќи преку светоста на мајката - Светата Црква ја обезбедуваме вечноста на македонскиот народ, и во Татковината и насекаде каде што нѐ има - а не има многу распрснати по сите меридијани од земјината топка. Нашата Свети Климентова Црква - оваа со децении затемнувана, но не уништлива семакедонска ѕвезда деница - ни го осветлуваше патот од минатиот век четири децении, со цел да ја почувствуваме полнотата на нашето ново воскресение и слободно национално државотворно и црковно духовно живеење.
За жал, опкружени и со внатрешни предавници и одроди, често се соочуваме и со нови крсни распнувања. Борбата е сеуште макотрпна, но таа мора да биде победоносна. Ние друга алтернатива немаме. Со цел да ја обезбедиме нашата македонска вечност не смее да се најде сила што ќе нѐ одврати од нашиот досегашен трасиран пат во натамошно и уште побериќетно творење за добробит и целосното преуспевање на нашиот народ, татковина и Света Црква, со цел остварување на нашите определби и свети идеали.
БЛАГОЧЕСТИВИ ХРИСТИЈАНИ,
Го славиме БожиЌ - роденденот на Богомладенецот, Спасителот Господ Исус Христос. Го величаме Бога - Утешителот и Исцелителот на безнадежните, болните и стадалниците, Утешетилот на угнетените и обесправените, надежта и вербата за мирољубивите народи и земји во светот. Затоа празникот на Христовото раѓање - Божиќ, Новото Лето Господово и Богојавленските празници се денови за славословие и неизмерна духовна и сенародна радост.
Пред нас се денови светли за празнување и благодарење. Денови за помирување со сите. Доаѓа Христос Спасителот, дарителот на мирот, Сонцето на правдата за да ни дарува вечен мир, да нѐ упати кон Правда и љубов. Љубов кон семејствата, љубов кон својот народ, љубов кон својата Мајка Црква, љубов кон секој и секого, без оглед на верска национална или расна припадност.
Затоа, браќа и сестри дојдете бројно на молитва во нашите храмови, та заедно со целата ангелска војска да Му дадеме чест и слава на Бога и да восторжествуваме и воскликнеме со благодарност на преголемите дарови што Господ ни ги дарува преку Неговата милост и бескрајна премудрост.
Нашата татковина Македонија и нашата мајка - Светиклиментовата МПЦ нѐ повикуваат во овие ретки јубилејни трепетни историски мигови од новото 2007 Лето Господово, со Божја помош искрено да живееме со нашиот и за нашиот благороден народ, за и тој да живее со нас и за нас!
Проникнати со евангелска љубов и искрена меѓусебна доверба, заеднички да создаваме трајни дела за целосно преуспевање на нашата Татковина и на нашата Света Црква, а за вечен опстој на македонскиот род во нашата родна библиска Татковина Македонија и по сите меридијани на земјината топка.
Големите свети дела за својот народ, Татковина и света мајка Црква, ги создаваат само големи и доблесни синови и ќерки проникнати со искрено, чесно и сеоддајно македонољубие.
Нека ни е честит и вековит јубилејот и нека ни е од Бога благословено новото 2007 Лето.
ХРИСТОС СЕ РОДИ - НАВИСТИНА СЕ РОДИ
Сорождественски молитвен Божји благослов,
ПОЛОШКО-КУМАНОВСКИ
Г. КИРИЛ
Од канцеларијата на Епархијата Полошко-Кумановска