Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Во незалезната светлина на Христовото Раѓање (08.01.2007)

На денот кога светата Православна Црква го слави Христовото Рождество, Божиќ во храмот посветен на светите Петар и Павле во Краун Поинт, Индијана, Неговото Високопреосвеоштенство, Митрополитот Американско–канадски г. Методиj отслужи празнична Божествена Литургија.

На присутните верници Митрополитот г. Методиј им се обрати со следниве зборови:

Возљубени во Господа,

Празникот на Христовото раѓање има универзално значење, зашто Синот Божји се роди во овој свет и стана Човек за спасение на сето човештво. Но и покрај тоа, јавувањето на Богомладенецот првенствено е семеен празник. Во љубовната прегратка на семејството ја започнуваме, секоја година, подготовката за небоземното торжество низ 40-дневниот пост, кога со усрдно воздржание, измирување и покајание ја подготвуваме Витлеемската постела на нашето срце, за во неа да се роди Спасителот на светот. Истоветна содржина има и бадниковото претпразненство кога околу огништето на семејната љубов, во тивката ноќ на молитвениот спокој ја здогледуваме Витлеемската ѕвезда која го најавува доаѓањето на Царот над царевите. Под покровот на претпразненската ноќ си спомнуваме, дека за Оној, Кој ги создаде небото и земјата не се најде засолниште меѓу човечките домови и постела во која ќе се роди, спомнувајќи си воедно и за сите оние несреќни бездомни души кои поради војните и природните катастрофи, во оваа ноќ, немаат каде да се засолнат. Со колку милосрдие во себе го дочека светот тогаш својот Спасител? Колкаво е нашето милосрдие денес кога низ рождественското празнување повторно го дочекуваме новородениот Емануил? Причина за радост секако постои, но таа треба да извира од кротките врутоци на нашиот добродетелен живот. Колкава е нашата љубов за нашиот ближен, низ која се мери и нашата љубов кон Бога? Дали се ширум отворени дверите на нашето гостољубие за сите што сакаат да се нахранат од трпезата на нашата љубов? Дали ги напоивме со грижа и сочувство жедните макар и за еден добронамерен поглед и малку сострадание?

Празникот на раѓањето во тело на нашиот Господ Исус Христос е благодатен божствен гест во кој незалезно ни се открива свештената тајна дека сето човештво е наше семејство и сите луѓе се наши браќа и сестри преку сродството во Господа, Кој заради нас и нашето спасение ја зеде на себе човечката природа, за да нè обедини во Својата љубов. Силата, пак, на соборното престојување во непрестаното празнување на Христовото раѓање ни се открива како највозвишен евангелски подвиг во завештанието на апостолот, кој ни порачува денес, исто како некогаш на нашите предци солуњани: Радувајте се секогаш! Молете се постојано! Благодарете за се, оти таква е волјата Божја во Христа Исуса спрема вас! Не гаснете го Духот! Пророштвата не ги унижувајте! Сè испитувајте, за доброто држете се! Клонете се од секакво зло! А Сам Бог на мирот да ве освети наполно во се! (1 Сол. 5, 16-22)

ХРИСТОС СЕ РОДИ!!!

 

Од канцелагијата на АКМПЕ

 

                       

 

                       

 

                        

 

                        

 

                                                        

 

Подготвил: ѓакон Стеван Барјактаров