Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Божик во Бигорскиот манастир (09.01.2007)

На денот на Рождеството Христово во Бигорскиот манастир се отслужи великолепно целовечерно бдение кое започна во 23.30 а траеше до 07.00 ч. Иако не е долгогодишна традиција на овој празник да се извршува бдение, духовната глад на верните чеда, кои нетрпеливо чекаа поголемо бдение за време на постите, ете на самото крунисување на крајот на постот, се собраа во поголем број од очекуваниот за пречекот на Рождеството Христово, пред сѐ во пештерите на нашите срца, како што најави архимандритот Партениј пред самиот почеток на бдението. Храмот, а и големата трпезарија беа полни со верниците од ширум Македонија кои со видлива духовна радост се поздравуваа со големиот и радосен христијански поздрав Христос се роди - Навистина се роди. Кога веќе се објаснува смислата на празникот, да ги повториме зборовите од Божикното послание дека Божик е семеен празник, празник на основната клетка на Црквата, Црквата во мало-семејстовото, но мора и да напомениме, семејството да не го пречекува Христа само во домашна атмосфера со приготвен ручек, туку пред сѐ најнапред, со учество на Божествената Литургија, по можност со претходен духовен и телесен пост, исповед и благолов за света Причест. Само така е богоугодно семејното собирање околу свечената трпеза, со благодарење на Бога за сѐ. Така и ова мноштво верници, после Вечерната богослужба, Големото повечерие со литија и петолебие, како и свечената Утрена, зеде учество во Божествена Василиева Литургија, на која се причестија со Телото и Крвта Христова, а потоа сите заедно торжествено се упатија кон големата трпезарија каде се послужи трпеза на љубовта и после поздравот и благословот од игуменот се упатија кон своите домови.

Да не заборавиме и дека дочекот на Богомладенецот е истовремено празник за сите младенци, односно Божик е празник на децата. Заради тоа, во соработка со прилепска „Витаминкa“, со која постои долгогодишно пријателство, на сите присутни деца, како и оние кои доаѓаа преку целиот ден им беше подаруван Божикен пакет со производи од фирмата.  

Наредниот ден Божикната радост ја зголеми со своето присуство и министерот за транспорт и врски г-динот Миле Јанакиески, придружуван од неговиот шеф на кабинет г-ца Анета Стојановска и пратеникот г-дин Александар Спасеновски.