Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Божикните празнувања во Дебарско-кичевската епархија (10.01.2007)

Божикните празнувања во Дебарско-кичевската епархија во оваа година започнаа на 6. јануари – Бадник. Владиката г. Тимотеј, во придружба на протоереј-ставрофор Ефтим Бетински и свештеник Игор Никовски, во попладневните часови изврши посета на манастирот Пресвета Богородица – Пречиста и на игуманијата на манастирот мајка Агнија, на која ѝ ги честиташе престојните Божикни празнувања.

 

 

            

 

 

Веднаш потоа Владиката замина за Кичево, во црквата Св. Петар и Павле, каде што со свештениците од кичевското архиерејско намесништво отслужи Вечерна богослужба. На крајот од службата Владиката со празнично слово се обрати до насобраните кичевчани, кои традиционално секоја година во многу голем број беа дојдени на Бадник, бидејќи на крајот од службата Владиката со осветена вода го благословува бадниковото гранче и свештениците на насобраниот народ им делат од бадниковото гранче.

Светлото Христово раѓање Владиката го прослави на 7 јануари со празнична Литургија, отслужена во црквата Св. Никола – Геракомија во Охрид. На Литургијата служеа: архимандрит Нектариј, и свештениците Димче Ѓорѓиески, Игор Никовски и Сашо Ристески. На Литургијата кон насобраниот верен народ беше прочитано Божикното послание од Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, а потоа Владиката Тимотеј ги поздрави верниците со христијанскиот поздрав: Христос се роди!

Освен архиерејската Божикна Литургија во Св. Никола – Геракомија, во Охрид свештениците служеа и во останатите градски парохии: Пресвета Богородица – Каменско, Св. Георгиј, Св. Троица, Св. Козма и Дамјан и др.

Вечерта Владиката во својот дом ги прими свештениците од Охридското архиерејско намесништво и на нивните деца им врачи пригодни божикни подароци.

 

 

            

               црквата на Пресвета Богородица во Македонски Брод

 

 

На 08.01.2007 год. Владиката г. Тимотеј во придружба на архимандрит Нектариј и свештеник Игор Никовски го посетија градот Македонски Брод, и во црквата на Пресвета Богородица, во сослужение на бродските свештеници Марко Трпкоски и Боге Богески, отслужи света Литургија, на која присуствуваа поголем број на граѓани од Македонски Брод. И овој пат Владиката Тимотеј кон присутните верници се обрати со празнично слово, воедно поздравувајќи ги со радосниот поздрав: Христос се роди!

 

 

           

  нов конак во манастирот на Пресвета Богородица во с. Манастирец                                   црквата на Св. Георгиј во Струга

 

 

По завршувањето на светата Литургија, Владиката заедно со придружбата заминаа во с. Манастирец (Бродско архиерејско намесништво), каде што го посетија манастирот на Пресвета Богородица и тамошниот монах Бенедикт. Евидентен беше напредокот во изградбата и доопремувањето на манастирските конаци, на североисточната влезна страна на манастирот, во текот на овие неколку месеци.

Трет ден Божик, кога православната црква го прославува споменот на светиот првомаченик архиѓаконот Стефан, Владиката Тимотеј отслужи света Литургија во црквата на Св. Георгиј во Струга. На светата Литургија богослужеа: архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Илија Танаскоски, протоереј Темелко Донески, свештеник Петре Бојчиноски и свештеник Игор Никовски.

Владиката одржа празнична беседа кон собраниот верен народ од Струга, во која, на крајот, кон верниците го упати божикниот поздрав: Христос се роди!

 

 

Известува: свештеник Игор Никовски