Во врска со најновите случувања во МПЦ (15.01.2007)
По повод најновите случувања поврзани со материјално-финансиското работење на Македонската Православна Црква, актуелни во медиумите на Р. Македонија, сакаме да посочиме внимание на следново: Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан е пред сè духовен водач на МПЦ и затоа неговата главна обврска во пракса е поврзана со неговата примарна функција. Тој се грижи за единството на Епископатот, а со тоа и за правилен и постојан напредок на православниот духовен живот во нашата Помесна Црква, изразен на сите полиња од нејзиното дејствување.
Грижата за материјално-финансиското работење на Архиепископијата и Скопската православна епархија во пракса не е негова примарна задача. За тој дел од работењето постојат посебни служби и тела, како што се: Архиепископскиот Управен Одбор, секретарот на АУО, Епархискиот Управен Одбор, секретарот на ЕУО, архиерејските намесници, старешините на црквите, разни советници од редот на лаиците - претставници во ЕУО и во АУО, итн. Архиепископот ниту има време, ниту физички и технички можности сè да контролира, а понекогаш ниту соодветно знаење и доволни информации. Неговата одговорност за материјално-финансиското работење на Црквата е посредна, а слободно може да кажеме и минимална.
Затоа не треба Архиепископот да го заморуваме и вознемируваме со прашања од тој дел на црковното функционирање. Подобро е да се молиме за Архиепископот и сите во себе да негуваме синовски однос кон него. Треба да го чуваме и штитиме нашиот Архиепископ и сигурно и Господ ќе нè чува и штити нас.
Должиме голема благодарност и пофални зборови за новинарите кои до сега ја известуваа македонската јавност за случувањата од животот на МПЦ, сигурни дека сето тоа што го прават ќе најде свое место во домостројот на спасението кое Бог ни го дарува.
од редакцијата на официјалниот сајт
на Македонската Православна Црква
www.mpc.org.mk