Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во Чикаго (15.01.2007)

На 14 јануари, на денот кога Светата Православна Црква го слави споменот на Обрезанието Христово и на свети Василиј Велики, во храмот на Света Петка во Чикаго, Неговото Високопреосвеоштенство Митрополитот Американско–канадски г. Методиј отслужи празнична Божествена Литургија.

 

 

                 

 

 

На присутните верници Митрополитот г. Методиј со пригодно слово им го објасни значението за празникот Обрезание Христово. 

„Во осмиот ден по раѓањето Богомладенецот Го донесоа во храмот и според постоечкиот закон во Израилот, како што беше од времето на Авраам, Го обрезаа. Тогаш Му го дадоа името Исус, онака како што и благовестеше архангелот Гавриил на Пресвета Дева. Старозаветното обрезание е праобраз на новозаветното Крштение. Образанието на Господ покажува дека Тој на Себе прими вистинско човечко тело а не привидно, како што учеа еретиците. Господ е обрезан затоа што сакал да се исполни целиот Закон, којшто Самиот го дал преку Пророците и Праотците. Откако ја исполни таа заповед од Законот, во Својата Црква Христос ја замени со Крштението.

 

 

       

 

 

Исто така, Светата Православна Црква денес го празнува и свети Василиј Велики, архиепископот Кесариски. Голем поборник на православието, зрак на морална чистота и набожна ревност, богословски ум, устроител и столб на Божјата Црква – Василиј, со полна заслужност се нарекува Велики. Во црковните богослужби најчесто е нарекуван пчела на Црквата Христова, која им дава мед на верните и осило на еретиците. Сочувани се многубројни дела на овој свет отец на Црквата: апологетски, богословски, подвижнички и канонски. Исто така една од Литургиите е напишана според негов текст, а потоа и наречена според неговото име.“ 

 

 

 

 

Подготвил:

Секретарот на АКМПЕ
ѓакон Стеван Барјактаров