Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Благословено отворањето на рудникот за олово и цинк “Злетово” – Пробиштип (18.01.2007)

На 17.01.2007 година, на покана од раководството на рудникот за олово и цинк “Злетово” од Пробиштип, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион присуствуваше и го благослови неговото рестартирање. На свеченоста присуствуваа претставници од Владата на Р. Македонија; амбасадорот на Велика Британија во Р. Македонија, г-дин Диксон; амбасадорот на Босна и Херцеговина во Р. Македонија, г-дин Кеклиќ; и други гости од Републиката и од странство.

 

 

               

 

 

 

              

 

По извршеното молитвословие, Митрополитот Иларион, обраќајќи се кон директорот на Бинани групацијата од Лондон и останатите присутни, меѓу другото рече: 

“Почитуван господине директор,

Сакам да ве известам дека причина за формирање на овој град беше токму отворањето на рудникот “Злетово”. Овој ден е воскресение и на рудникот, и на градот и на луѓето. Денес се радуваат и небото и земјата, и ангелите и луѓето. Му благодариме на Бога, што еве, преку вас, посака повторно да проработи овој рудник, за радост и благосостојба на народот од овој град, кој од Бога ми е доверен.

Денес се помоливме Бог да испрати благослов од небото, да испрати ангел пазител кој ќе ги чува сите вработени. Го молиме Бога да го поврати и зголеми оној древен сјај што го имаше рудникот, да ја излие Својата милост и благодат и да ги чува сите во овој град. При оваа прилика сакам да ве потсетам и на тоа дека Мајката Божја, Пресвета Богородица, од поодамна е прогласена за заштитничка на овој град, и вработените од рудникот како и сите луѓе од овој град масовно го прославуваа празникот на Успението на Пресвета Богородица на 28 август. Се молиме Таа и понатаму да го штити и пази овој народ. Ја молиме да раководи, да Го моли Својот Син никогаш повеќе да не згасне животот во овој рудник, а дај Боже, да постигне сјај и да биде уште подобар од она што беше.

Нека ви е честито, благословено и со многу успех!”