Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Станавме легенди а сè уште сме живи (19.01.2007)

Секој печатен медиум настојува да пишува за интересни случувања, се разбира, за да биде читан. На тој начин, печатениот медиум станува популарен и продаван, а секако заработува и пари. Луѓето, сакајќи да се информираат за настаните, го купуваат печатениот медиум и за тоа плаќаат. Луѓето за коишто се пишува, без оглед на тоа што се пишува, стануваат познати и славни. Славата често со себе носи и пари. Значи, ем добиваат бесплатна реклама во медиумот, ем имаат финансиска корист од тоа. Инаку, значајни промени во ситуацијата што била тема на написот обично потоа нема. На ова ниво од случувањата сите се задоволни и среќни, кој помалку кој повеќе, и благодарни едни на други. Тоа е гледање на работите само површински и од чисто човечка перспектива.

Но, постои и Божја перспектива од која се гледа на ова за што зборуваме, а еве зошто треба да ја имаме предвид: Сите забораваме на Бога во времето кога мислиме дека здравјето, среќата и бизнисот ни врват, а потоа се чудиме кога одеднаш сè ќе се смени на лошо. Ја спомнуваме загубата на приземните вредности затоа што никој не се вознемирува од загубата на она што не го ни вкусил небесното. И никој за тоа не е крив освен злото во самиот човек, кое му прави простор на демонот да го стави неговиот живот под своја контрола. Кон злото или доброто, внатре во себе, секој слободно се приклонува. Значи, должни сме да потсетиме како одеднаш се губи она што се сака, а секој нека си го избере патот по кој ќе врви.

Новинарите треба да внимаваат што пишуваат, зашто од тоа може да произлезе некое јавно добро или зло. Во зависност од големината на причинетото добро или зло ќе дадат одговор пред Бога уште сега, во овој живот, а и во Царството Небесно. За доброто ќе бидат наградени со Божја помош и милост, а со стореното зло, ако не се покајат, самите себе ќе се казнат и сигурно ќе го најдат истото како соодветна пречка на патот од својот живот. И народната вели: што си посеал, тоа ќе жнееш. Казната доживеана уште во овој живот може да е спасителна и искупителна варијанта, зашто ако биде и причина за покајание ќе го ослободи сторителот на злото од казната во идниот век. Исто така треба да се внимава и со кои чувства и со која намера се пишува тоа што се печати. Едно е да се пишува од омраза и освета, друго заради слава и пари, а трето со тага и заради вистината. Постојат и други комбинации освен набројаните, но треба да се внимава која комбинација ја привлекува Божјата милост, а заради која се губи Божјата милост.

Оние, пак, коишто читаат ќе дадат одговор пред Бога за следното: дали лошата случка опишана во печатениот медиум им предизвикува злорадост или молитвена тага, или пак, информацијата за добрата случка им предизвикува молитвена радост или завист. Со злорадоста и со зависта секој себеси се казнува и тоа не само на духовно туку и на чисто душевно ниво. За радоста заради доброто или за тагата заради злото секој од Господ ќе биде награден и тоа не само на духовно туку и на душевно ниво. Друго е прашањето, зошто луѓето повеќе се радуваат на злото отколку на доброто и зошто не го живеат својот живот туку повеќе сакаат да го живеат туѓиот. Исто така, читателите ќе дадат одговор и за тоа, дали со парите што ги даваат ќе финансираат медиум што промовира зло или ќе финансираат медиум што промовира добро.

 Ние, пак, луѓето за коишто се пишува, ќе дадеме одговор пред Бога за следново: дали она за кое сме обвинети е лага или вистина и дали она за кое сме пофалени е вистина или лага. Ако не сме направиле зло, а нè обвинуваат како да сме направиле, ќе добиеме маченички венец и во овој живот и во Царството Небесно. Ако сме направиле зло, па праведно јавно нè обвинуваат и осудуваат за истото, а ние се покаеме, тогаш ќе се ослободиме од осуда на Страшниот Суд Христов, затоа што е неправедно некој да биде казнуван двапати за едно исто дело, итн. Во секој случај, добро е да пишуваат за нас, зашто ако забораваме дека Бог нè гледа што правиме, да не заборавиме дека и луѓето нè гледаат. Ако, пак, направиме зло и не се покаеме, тогаш тешко нас, подобро да не сме се родиле! Епископскиот чин може да биде најголем благослов и најголемо проклетство. Благослов или проклетство, како за тој што го има, така и за тие што се во однос со тој што го има. Зависи од односот...

            Господ да ни прости и да нè помилува сите!

 

Митрополит Струмички г. Наум