На празникот на свети Јован Крстител (20.01.2007)
Денес, на празникот посветен на свети Јован Крстител и Претеча, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан отслужи Божествена Литургија во црквата на свети Јован во Капиштец, Скопје, во сослужение со Митрополитот г. Горазд, свештениците од Скопската епархија и дел од професорите од Православниот богословски факултет “Свети Климент Охридски” од Скопје. На Светата Литургија во ѓаконски чин беше ракоположен теологот Владимир Белчовски.
Во својата пригодна беседа по повод празникот, како и актуелните збидувања, Архиепископот Стефан истакна:
„Вообичаено, кога говорам за свети Јован, на кој било од неговите празници, практикувам да прашам: дали и денес не ни треба свети Јован и дали имало време на кое не му требале Јовановите опомени, Јовановиот глас против злото и гревот? Секогаш бил потребен свети Јован, зашто не се намалени престапите меѓу нас луѓето, зашто - имало ли време без Ироди и Иродијади?!
Сведок е севкупната македонска јавност, сведоци сте и вие - скоро цела седмица се бара нечија глава. А во основа ја бараат главата на нашата Црква! Сме се излажале ако мислиме дека завршија „иродите“ кон Македонската Православна Црква, кон македонскиот народ и кон сè што е македонско. Внатрешните и надворешните непријатели не мируваат! Тие не сакаат да одиме напред во која било област, па ни во црковна. Ќе наоѓаат „иродијади“ и „саломии“, ќе прават сценарија за злоупотреби и криминали... Ќе објавуваат само за нив видени скандали... А образот на луѓето, а, особено, достоинството на Црквата? - Како да водат повеќе грижа за она за кое, всушност, не сакаат да го има, да постои.
Но, за среќа, ги знаеме и сценаристите, и послушниците... Не им е прв пат да ги рушат столбовите на македонското опстојување. Но, наше е да продолжиме со борбата за нашата македонска правда. Трпението наше е над нивната злоба. Вистината секогаш е потрајна од лагата. За тоа имаме безбројни примери, а свети Јован ни е најголемата потврда - траат големите подвизи, траат вечно правдата и вистината.
Издржала Македонската Православна Црква и поголеми искушенија и, всушност, тие ѝ помагаат, со Божја помош, да оди по вистинскиот пат.
Нека ни е напомош свети Јован и, дај Боже, да го слушаме неговиот повик и да се чуваме од лагата и гревот.“