Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Празникот на свети Јован Крстител во струшко (21.01.2007)

Крстителот Христов, Јован Претечата, оној којшто ја положи својата рака врз главата на Синот Божји – Кој дојде во светот за да го спаси човекот од робувањето на гревот – заради неговата карактеристична улога што ја имаше на денот на Богојавление, светата Црква благоволила да го прославува веднаш следниот ден по светото Богојавление на реката Јордан.

Владиката Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение со свештенослужители од Охридското и Струшкото архиерејско намесништво, отслужи Света Архиерејска Литургија во црквата посветена на свети Јован Крстител во струшкото село Мислешево.

 

                   

 

На Светата Литургија присуствуваа голем број верници од селото Мислешево, кои со молитвена побожност внимателно учествуваа во молитвите на својот Владика. Кон верниците Владиката се обрати со празнично слово, во кое рече: „Драги верници, свети Јован Крстител секогаш важел за пример со неговиот живот. Тоа нам луѓето ни користи за да се поучиме во нашиот живот... Просветлен и осветлен со небесно откровение, надарен со говорништво што не се постигнува во ниту едно светско училиште, св. Јован Крстител се издигнал на голема височина, која ја осветлуваат пламените јазици на мирот, правдата и чистотата Божја. Од таа морална висина, неговиот силен глас за поправка и покајание се слушал насекаде... Неговите зборови како со чекан ги разбивале скаменетите срца и како пламен се пробивале во најскриените човекови мисли. Без никаков страв, тој го разобличувал гревот што владеел во тогашното општество...

Драги христијани, Црквата Божја денес е тука на местото на големиот пророк и Крстител. Со неговите зборови таа се обраќа кон сите верни чеда велејќи: Покајте се!

Покајте се! Вчера и денес, утре и задутре, Црквата повикувала, повикува и ќе повикува да се оттргнеме од гревот и да се покаеме. Таа повикот им го упатува на сите: на родителите, на црковните пастири, на децата и семејствата, на управителите, државниците, на јавните службеници, на учителите и народните просветители, на земјоделците, на трговците, на занаетчиите и политичките работници од сите провиниенции, и на сите ни вели: Покајте се!...“

Потоа Владиката г. Тимотеј со свештенослужителите и членовите на црковниот одбор извршија кратка обиколка на другите две цркви, кои се во завршна фаза на подготовка за нивно осветување. Тоа се црквите посветени на Пресвета Богородица и на Свети Климент Охридски.

 

                   
                                   црква на Пресвета Богородица                                                                     црква на свети Климент Охридски

 

 

известува: свештеник Игор Никовски