Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Тетово (22.01.2007)

На празникот Водокрст, во црквата на Пресвета Богородица во Тетово беше отслужена света Архиерејска Литургија, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил.

Црквата на Пресвета Богородица датира од старо време. Во месноста горно маало, во 1903-4 година, на урнатини на стара црква беше започната нова градба што траеше сè до 1916 година. Осветена е во 1918 година на Празникот Успение на Пресвета Богородица, од тогашниот Митрополит Варнава.

За оваа црква забележителен е нејзиниот иконостас, кој претставува жива галерија од икони на чијашто изработка секој може да се восхитува.

Отсекогаш на празникот Водокрст црквата е посетена од надлежниот Митрополит г. Кирил и од мноштво македонски богољубив народ.

 

               

 

 

По Светата Литургија, како и обично нашиот Владика г. Кирил се обрати до многубројниот народ:

„Драги браќа и сестри во Господа, кои ја имаме Неговата голема и неискажана милост. Збогувајќи се со 2006-то лето Господово, Бог ни помогна во мир, исполнети со духовна молитвена радост најнапред да ја дочекаме и се израдуваме на новата година по Грегоријанскиот календар. Па, заедно со нашата најголема гордост, со најголемото богатство, македонските христијански рожби, вашите дечиња и внучиња, да се радуваме на убавите многустолетни национални празнични чествувања. На Бадник многубројно се собравме во соборниот храм на светите Кирил и Методиј, а потоа и се најдовме во прегратките на обновениот манастир на свети Атанасиј во Лешок за да можеме бројно преку молитвени сеноќни бденија да се помолиме за добро на нашиот христијански народ, за мир и благосостојба на овие простори, во нашата Татковина и по сите меридијани на земјината топка. Навистина е убава нашата вера православна. Во најголем молитвен торжествен сјај, преку отслужени Божествени Литургии, целиот македонски народ се поклони на новородениот Богомладенец Христос и го одбележа на најдостоен начин најрадосниот, најголемиот семеен христијански празник - Божиќ. Господ нè удостои да се собереме кај роднини, кај блиски пријатели  на одбележување на Новата година по стариот Јулијански календар и на Обрезанието на Господа Исуса Христа и на Свети Василиј Велики.

Еве, денес сме собрани на овој прекрасен ден. Навистина, сè што е од Бога, сè што ни дарува е убаво. Во овие тешки времиња, на овие огромни економски кризи, Господ ни дарува прекрасна зима. Инаку, сигурно ако зафатеа поголеми зими, ќе дојдеше до целосно нарушување на електричниот систем. Драги браќа и сестри, како и секоја година така и оваа, во овој прекрасен и целосно обновен храм на Македонската Православна Црква, еднодушно и во голем број да се помолиме Господ да ни ја зајакнува нашата милост, слога, разбирање како чеда Божји. Народ без убаво минато, нема добра сегашност; народ без добра сегашност, не може да смета на убава иднина. Еве, од пред повеќе години, Господ вложи во срцата на семејството Васоски, на таткото на Мишко Васоски, кој денес живее во САД, да ја подари оваа специјална крстилница на храмот, во која го извршивме Водосветот. Од светата вода секој да си понесе во своите домови за телесно здравје и спасение. Традиционално, неколку години, на овој ден, го фрламе крстот.

 

 

                                

 

Денес на овој празник ние се поклонуваме со најголема молитвена побожност на свети Јован Крстител, на еден од најголемите пророци. Тој е пророк кој го спои Стариот со Новиот Завет, пророк кој беше единствено избран од Бога на да го крсти нашиот Спасител Господ Исус Христос. Со тоа видливо ни се покажува дека секој што се родил треба  да се крсти за нов, вечен, праведен, спасоносен живот преку Светата Тајна Крштевање и Миропомазание. Свети Јован Крстител навистина секој христијанин треба да го носи длабоко во својата душа и срце, бидејќи е олицетворение и поборник на чистотата и праведноста. Амин.“   

По чинот осветување на светата вода и фрлање на крстот, беше прекршен и славскиот колач.

 

известува: о. Синиша Ристовски