Во црквата на светите Кирил и Методиј во Тетово (23.01.2007)
Богослужењето започна уште од раните утрински часови со Утрена служба. Во 8:30 часот пристигна нашиот Архиереј, Митрополитот Полошко-Кумановски г. Кирил. Во црквата беше дочекан од многубројното свештенство и многубројниот богољубив македонски народ.
На Светата Архиерејска Литургија, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство г. Кирил, присуствуваше мноштво народ, во молитви и славословие кон Бога, Кој се јави во Три Лица. По завршувањето на Светата Литургија, Неговото Високопреосвештенство се обрати до народот со убава проповед:
“Бог се јави! За душевно и телесно здравје и спасение нека ни биде на сите отслужената света Богојавленска богослужба. Господ нека ги чуе и послуша нашите принесени молитви; нека ги озарува нашите христијански души и срца; нека Неговиот свет благослов се излее на просторот од родна и мила Македонија, за во неа да царува траен мир и благостојба. Во вчерашните наши принесени молитви, во црквата на Пресвета Богордица, при извршувањето на Големиот Водосвет, во молитвословијата се обративме пред престолот на Троичниот Бог и воскликнавме: Велик Си Господи и чудесни се Твоте дела и немаме доволно зборови да ги искажеме чудесата на Твоето Величие. И навистина голем е Господ браќа и сестри.
Уште сме под силните молитвени импресии и сенародните радости кои ги доживеавме при одбележувањето на Бадник и на најголемиот спасоносен радосен семеен празник - Божик. Па ги одбележавме и им се радувавме на новите години по новиот и стариот календар.
Во текот на месец јануари, Господ нè обдарил, опсипал со најголем број празници. Денес е празникот на Богојавление - Водици, празник и на нашето просветување и осветување. На денешниот ден, Господ се крсти во реката Јордан од свети Јован Крстител, примајќи ги нашите гревови да нè удостои сите нас преку Светата Тајна Крштение да бидеме озарени со Светиот Животворен Дух. Ни се јави Господ, Спасителот! Воплотениот Христос влегува понизно и се крштева во реката Јордан, а гласот од височините божествени се слуша: “Ова е Мојот Возљубен Син, Него послушајте Го!” Светиот Дух, пак, во вид на гулаб, слегува врз Спасителот Господ Исус Христос. Се објави Себеси Света Троица, во Која веруваме ние, чедата на Православната Црква.
Нека Господ ги просвети нашите умови и нашите срца нека ги озари; нека ни ги зајакнува милоста, довербата, евангелската неисцрпна христијанска љубов кон сите со коишто се сретнуваме во нашето секојдневие, зашто сме чеда Божји.
Зачекоривме во една од многу значајните години од нашата понова историја; зачекоривме во четириесеттата година од летото Господово 1967, кога ја исправивме голема 200-годишна неправда што ѝ беше нанесена на нашата Охридска Архиепископија од страна на тогашната отоманска и иноверна власт. 1767 година е укината древната Охридската Архиепископија, а 1967 година е обновена. Воскреснавме за нов, праведен, црковно-духовен жхивот. Да Му благодариме на Бога, бериќетните плодови се огромни и покрај сите проблеми, тешкотии и крсни распнувања, на кои бевме изложувани во овие четири децении. Особено се големи бериќетните плодови што се остварени во редовите на нашето иселеништво, населено на американскиот континент.
Нека нè следи Богојавленскиот, свет, Божји благослов; нека се излее Божјиот благослов над водите на просторот од целата наша Македонија. Кога Господ ни дарува вакво прекрасно, убаво време, во овие тешки кризи низ коишто минуваме, да Го молиме Бога да ни даде изобилен дожд, плодороден дожд, да ја напои Македонската земја. А пред да падне дожд, Господ да благослови да падне што повеќе снег, за да имаме во текот на целата година изболие од вода и од плодови.
Нека ни бидат вечни и од Бога благословени празнувањата.”
По проповедта беше извршен Водосвет и крстот беше фрлен во специјалната купел.
На момчето што го извади крстот од водата, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот г. Кирил му подари златен ланец со златен крст, а компанијата „Т-Mоbile” му подари пакет мобилен телефон.
Известува: о. Синиша Ристовски