Соопштение (26.01.2007)
По дезинформацијата и злонамерните коментари објавени во дневникот на ТВ Сител на 25 и во весникот „Вечер” од 26 јануари 2007 година, Епархискиот управен одбор на Скопската православна епархија, заради правилно запознавање на јавноста, го дава следново соопштение.
Споменуваната парцела (тогаш бр. 14025/7 и 14025/14, сегашна КП 1734/13 КО Кисела Вода, на Булевар „Видое Смилевски Бато”, во населба Ново Лисиче), на Скопската Митрополија ѝ е доделена со право на користење од страна на Подрачното одделение на Министерството за финансии при општина Кисела Вода, со решение од 17.9.1992 година, за изградба на црква со придружни објекти.
Бидејќи градбата на објектот заради немање средства не започна во предвиденото време, со Решение бр. 17-359/1 од 8.10.1996 година, на Скопската Митрополија ѝ е продолжен рокот за уште две години. За жал, во предвидениот рок, пак од финансиски причини, не започна градбата на објектот.
Во меѓувреме, направени се повеќе измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план на општина Кисела Вода и на локацијата за црква предвидена е изградба на колективна станбена зграда. Набрзо потоа, повторно е донесена промена на Деталниот урбанистички план за општина Кисела Вода и на тоа место тогаш е предвидена изградба на Пазар и Трговски центар.
На овие измени Скопската епархија реагираше до општина Кисела Вода со барање бр. 08-794/1 од 18.6.2003 година - доколку не може да се задржи споменуваната локација за црква, за истата намена да се предвиди друга локација!
Од страна на тогашниот градоначалник на општина Кисела Вода беше ветено, а потоа така одлучено и на Советот на Општината - на истиот булевар од спротивната страна на поранешната локација ќе биде ставена градежна маркица за изградба на црква. Во истиот акт е побарана и друга локација за изградба на уште една црква во населбата Јане Сандански, на булевар „АВНОЈ“ (КП 129/2, со површина од 3687 м2), за која бил даден позитивен устен одговор од надлежните во општина Кисела Вода.
Во меѓувреме, без знаење на Скопската епархија, со решение бр. 47-88/2 од 30.8.2005 година, во постапката за денационализација, на непознат начин, дел од предвидената локација (6386 м2) им е доделен на физички лица. И на оваа постапка реагираше Скопската епархија со Жалба до Комисијата за решавање на управни работи во втор степен од областа на денационализација при Владата на Република Македонија, со акт од 1.9.2006, на која не е добиен одговор.
Комисијата, пак, за решавање на управни работи во втор степен од областа на денационализацијата на РМ, со Решение уп бр. 47-882/3 од 25.8.2006 година, решавајќи по службена должност, го огласи за ништовно своето претходно Решение бр. 47-882/2 од 30.8.2005 година и, воедно, со истото решение му е наложено на Државниот завод за геодетски работи, Сектор за премер и катастар - Скопје, да ја запише сопственоста на парцелата во јавните книги во состојба во која се наоѓала пред донесување на Решението на Владата на Република Македонија, односно градежното неизградено земјиште, со површина од 6386 м2, на дел од КП 1734/13 КО Кисела Вода 2, повторно да се запише на поранешниот титулар - МПЦ Скопска епархија.
Исто така, Епархискиот управен одбор сака да ја запознае јавноста дека со уредна градежно-техничка документација предвидена со урбанистичкиот план е изграден станбен објект на местото предвидено за објект од таков карактер, а не на местото - некогаш предвидено за црква.
Значи, Скопската епархија во иднина ќе може да гради црква на таа локација, доколку на истата од надлежните служби се предвиди таков објект - црква, а не како сега – трговски центар! Средствата, пак, добиени како надоместок од изградениот објект, ќе бидат наменети само за градба на црквата на тој простор и за други нови или за доградба на започнати цркви во Скопската епархија!
Од Епархискиот управен одбор
на Скопската Православна епархија