Лесновскиот манастир го прослави својот патрон и заштитник Свети Гаврил Лесновски (30.01.2007)
Традиционално, како и секоја година, на 28 јануари Лесновскиот манастир беше претесен да ги собере посетителите од источните предели на Македонија, кои дојдоа за да го прослават неговиот патрон и заштитник свети Гаврил Лесновски.
Светата Литургија започна околу 8.30 часот, на која чиноначалствуваше Митрополитот Брегалнички г. Иларион, а потоа беше осветен и пресечен славскиот колач. Во својата беседа, Митрополитот Брегалнички се осврна на животот на овој светител и чудотворец, и меѓу другото рече: „По упокојувањето на свети Гаврил Лесновски, тој му се јавил на еден монах и му рекол да дојде во местото Облово и да ги пренесе неговите свети мошти во Лесновската обител. Светителот трипати му се јавувал на монахот, но тој не сакал да го прими тоа, сметајќи дека е лага од ѓаволот. По третото јавување, монахот му го кажал ова на својот митрополит, а тој побарал да му кажат дали во неговата Епархија постои такво место. Откако дознал дека нема, се обратил до митрополитот во Злетово, и откако и тој се распрашал, му кажал дека во неговата Епархија постои такво место и таква пештера. Тогаш двајцата митрополити, заедно со братството и со монахот пошле кон Облово да го бараат телото на свети Гаврил Лесновски. Кога наближиле до пештерата се слушнал глас, односно светителот како извикува: ‘Понадесно, таму е пештерата и таму се моштите, но ова не го правам заради мене, туку бидејќи Бог ми нареди да го земете моето тело и да го пренесете во Лесновската обител’. Така и се случило. Го донеле светителот овде и го положиле од десната страна во црквата“.
Потоа Митрополитот Иларион зборуваше и за постот: „Светата Црква сака да нè подготви и да нè поучи какви треба да бидеме за време на постот, бидејќи постот е смирување на телото и очистување на душата, односно приближување до вечниот Бог, до Бога Животодавецот и Живототворецот. За време на постот должност на секој христијанин е според силите да пости, да се моли, да се кае, да се исповеда, односно да се помири со Бог, да се соедини со Господа преку Светата Евхаристија, за здравје и спасение свое и на своите чеда… Затоа Светата Црква нè повикува да се смириме како митарот, да се угледаме на Христа Бога, да се поучиме од денешните светители и од светителот наш Свети Гаврил Лесновски, кој Му угоди на Бога во сè: пост, молитва, покајание, и Бог го прими и го прослави и преку него сите нас нè утврдува во вечноста, нè утврдува во верата, но преку него и нè опоменува како треба да живееме и како да го победиме овој свет”.
известува: ѓакон Саше Ристов