На денот на свети Атанасиј Велики (01.02.2007)
Споменот на свети Атанасиј Велики и свети Кирил Александриски во Дебарско-кичевската епархија беше прославен со Архиерејска Божествена Литургија во манастирската црква посветена на св. Атанасиј Велики близу с. Љубаништа – метох на манастирот на св. Наум Охридски.
На Светата Литургија чиноначалствуваше Владиката г. Тимотеј, во сослужение со свештенослужителите: архимандрит Нектариј, свештеник Тоди Јовани (од Подградец, Албанија), свештениците Сашо Богдановски и Игор Никовски.
Пред почетокот на Светата Литургија, Владиката г. Тимотеј го постави во чин чтец дипломираниот теолог Димче Азески од Охрид, кој моментално работи во епархиската администрација на Дебарско-кичевската митрополија.
На оваа прослава веќе од пред неколку години по традиција се собира мноштво верници од Охрид, охридско и граничните места.
По завршувањето на Светата Литургија и краткиот престој во прекрасниот обновен храм и манастирски конаци, Владиката и свештенослужителите заминаа во кратка посета на Светинаумовиот манастир.
известува: Игор Никовски