Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во чест на свети Атанасиј Александриски во с. Брвеница, тетовско (05.02.2007)

Црквата на св. Атанасиј Велики во Брвеница, тетовско, е изградена во 1922 година, а осветена во 1930 година. Подигната е врз темели на црква од 1628 година, исто така посветена на овој голем Отец на Црквата.

 

 

                     

 

Како и секоја година, така и оваа на празникот на свети Атанасиј беше отслужена Света Литургија, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил. Црквата беше претесна да го собере богољубивиот народ. По Литургијата, Митрополитот Кирил им се обрати на присутните верници со слово во кое напомна за зборовите на Светиот апостол Павле, кој прв го посеа животворното семе на просторот на Македонија: Спомнувајте ги вашите наставници што ви го проповедаа словото Божјо и подражавајте го нивниот живот. Владиката Кирил истакна дека ние, чедата на Македонската Православна Црква, 2000 години живееме со овие животворни и вечни вистини. Светиот апостол Павле заедно со светите апостоли Сила и Тимотеј преминаа во првата половина на првиот век во Македонија, и тука го крстија и првиот човек на европските простори, богобојазливата Лидија, која Црквата Христова ја вброи во Соборот на своите Светии. Чекорејќи по овие простори, Светите апостоли го сееја семето на верата, кое рамноапостолните свети браќа Кирил и Методиј, и нивните ученици светите Климент и Наум го оплодотворија. Темелите за убавината и чистотата на нашата вера, која и ден-денес ја почитуваме и ја сакаме ги поставија големите Учители на Црквата, горостасни теолози, Архипастири од четвртиот век, меѓу кои и свети Атанасиј, архиепископот Александриски. Митрополитот Кирил Му заблагодари на Бога што живеејќи со тие благотворни Божји вистини успеавме и како народ и како Црква да воскреснеме за нов праведен, државотворен, национален, културно-просветен и социјален живот. „Имајќи ја Божјата милост“, истакна Владиката, „најнапред успеавме да ја обновиме древната и славна Охридска Архиепископија во 1967 година, по Божјо провидение 200 години откако беше пресечен крвотокот на нашата света Црква – вечната чуварка на македонскиот благороден народ. Во текот на оваа година достојно ќе ја прославиме 40-годишнината од обновувањето на оваа древна Столица.“ Митрополитот Кирил на крајот го благослови присутниот народ, подвлекувајќи: „Ние како Архипастири должни сме да живееме за нашиот народ, та заедно сите да создаваме добри и угодни дела. Амин.“  

Известува: о. Синиша Ристовски