На денот на светиот апостол Тимотеј (05.02.2007)
На денот кога Црквата Божја го чествува споменот на св. апостол Тимотеј, кој заедно со св. апостоли Павле и Сила прв го проповедаше словото Божјо во Македонија, во црквата на Пресвета Богородица – Каменско, Охрид, беше отслужена Архиерејска Божествена Литургија. Со Литургијата чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Струмички г. Наум и Митрополитот Брегалнички г. Иларион, заедно со повеќе свештенослужители, меѓу кои беа архимандрит Нектариј, архимандрит Партениј, архимандрит Арсениј, свештеномонахот Доситеј. За време на Божествената Литургија, референтот на Дебарско-кичевската епархија Димче Азески беше ракоположен во ѓакон.
„Откако се научи на благост, и трезвено во сѐ ја чуваше добрата совест, се облече во свештенолепие, и црпејќи неискажливи зборови од избраниот сад, по неговите стапки одеше сочувувајќи ја верата, апостоле Тимотеј, моли Го Христа Бога да ги спаси нашите души.“
За многу години, Владико!