Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Литургија на претходно осветени дарови во соборниот храм во Куманово (23.02.2007)

Во средата на 21.02.2007 година, во првата недела од Велигденскиот пост, во соборниот храм на св. Никола во Куманово беше отслужена Литургија на претходно осветени дарови, со која чиноначалствуваше Неговото високопреосвештенство митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил. На Литургијата Владиката одржа пригодна беседа, во која меѓу другото рече: „Себлагоговејни отци, драги браќа и сестри христијани, спасоносниот Велигденски пост е време најблагопријатно, време спасоносно, време кое треба да биде исполнето со покајание, со молитва, со проштевање. Озарени од Христовата Светлина, озарени од поднесената жртва на нашиот Спасител Господ Исус Христос заради спасението на човечкиот род, да си подадеме рака во текот на овој Велигденски пост. Проникнати со неисцрпна вечна евангелска љубов и како чеда Божји искрено да си простиме за секаквите дејанија, за секаквите сторени знајни и незнајни прегрешенија. Љубов и преданост кон работата, љубов и преданост кон благочестивите христијански семејства; љубов искрена, нелицемерна кон сопружниците; љубов и што поголема грижа и деноноќно бдеење над рожбите што Господ ви ги дарувал и нивно усмерување да одат по спасоносниот пат; што повеќе да се развива љубов кон науката кај дечињата; љубов кон соседите, љубов кон сите со кои се среќаваме во нашето секојдневие; семејствата воспитани во духот на светото православие, добровоспитаноста во убавината и чистотата на нашата православна вера на рожбите христијански - се темелници за вистински развој и обезбедување мир и благосостојба во татковината. Љубов кон татковината, љубов кон нашата мајка, Светата Православна Црква, и се разбира искрено подготвување, преку добродетелите со кои сме повикани да ги правиме, да им помогнеме на ожалостените, на страдалниците, на затворениците, на вдовиците, на сирачињата - така ќе можеме достојно да пристапиме и да Го примиме Христа Бога Спасителот во нас.

На таков начин ќе можеме најдостојно да се подготвиме да го дочекаме Празникот над празниците, Светлото Христово Воскресение, Велигден. Заедно со целата небесна хиерархија да запееме и да воскликнеме: ‘Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи и на тие што беа во гробовите живот им дарува’.

             Да Му е слава во висините на Бога и на земјата мир, меѓу сите луѓе добра волја. Со радост и во молитвеност да можеме да го поминеме големиот Велигденски пост и со голема радост да го дочекаме Велигден и другите претстојни празници.“

 

   

             

На богослужбата присуствуваа сите свештеници и ѓакони од Кумановското, Кривопаланечкото и Кратовското архиерејско намесништво, овде собрани со единствена цел: света тајна покајание и исповед. За исповедник едногласно беше предложен архиерејскиот намесник на Крива Паланка, протоереј ставрофор Добрислав Бошковски, човек достоен за доверба и почит. По завршената исповед беше поставена братска трпеза на љубовта.    

 

Известува: о. Александар Смиљков