Охрид (24.02.2007)
Првата сабота од светата Четириесетница, во времето на Великиот пост, православната Црква ја посвети на споменот на свети Теодор Тирон, упатувајќи ги христијаните преку примерот на свети Теодор да ја положат својата надеж во Господа Христа, дури и тогаш кога честопати мислат дека се наоѓаат во безизлезни ситуации.
По тој повод во Дебарско-кичевската епархија, надлежниот Владика г. Тимотеј во сослужение со свештениците Сашо Богдановски и Игор Никовски и ѓаконот Димче Азески, во црквата на Пресвета Богородица - Каменско, отслужи Божествена Златоустова Литургија.
На Светата Литургија кон светиот Путир пристапија речиси сите присутни верници: мажи и жени, старци и старици, мали дечиња, кои како што тоа е обичај многу години, во првата сабота од Великиот пост, во најголем број пристапуваат кон светиот Путир, примајќи ги светите Тајни.
Од таа причина свештенослужителите причестуваа од три места и од три Путири, поделувајќи ги верниците на три групи: мажи, жени и жени со мали дечиња, и мали дечиња. На светата Причест овој ден пристапија околу 900-1000 верници, кои заедничарат во оваа парохиска црква.
Инаку, по традиција, во Охрид Тодорова сабота не е првиот ден од постот кога верниците пристапуваат кон светата Причест. Претходно тоа се случува во голем број минатиот ден, во петокот на службата и Литургијата на претходноосветени дарови, кога Света Причест примаат најчесто старите лица и оние што се болни. Затоа во текот на денот свештенослужителите светата Причест ја носат и во домовите на оние стари и болни лица на кои телесната немоќ и болест не им дозволува да можат да одат на служба во црква.
Секако и во првата среда од Великиот пост, на Литургијата на претходноосветени дарови се причестуваат верниците кои претходните три дена постеле без да вкусат храна и вода т.е. држеле ‘тримир’. Утрешниот ден Владиката г. Тимотеј, во првата недела од Великиот пост, наречена Недела на Православието ќе отслужи Божествена Литургија во црквата на свети Георгиј во Струга.
известува: свештеник Игор Никовски