Во црквата на светиот великомаченик Георгиј во Струга (26.02.2007)
Првата недела од светата Четириесетница, која го носи името Недела на православието, во Дебарско-кичевската епархија беше одбележана со Света Архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше надлежниот Владика г. Тимотеј. Света Литургија беше отслужена во црквата на св. великомаченик Георгиј во градот Струга, а на Владиката г. Тимотеј му сослужуваа: архимандрит Нектариј, игумен на Светинаумовиот манастир во Охрид, протоереј-ставрофор Илија Танаскоски, струшки архиерејски намесник, протоереј Темелко Доневски, старешина на храмот, протоереј Митре Попоски, свештеникот Игор Никовски и ѓаконот Димче Азески.
На Светата Литургија, Владиката кон мноштвото верен народ се обрати со празнично слово, а потоа сите верници пристапија да се причестат.
Во првата седмица од Великиот пост, верниот струшки народ во голем број ги користи деновите кога во светата Црква се богослужи Божествена Литургија, какви што се средата, петокот, саботата и неделата, подготвувајќи се со молитва, пост, исповед и покајание, за да пристапат кон Светите Тајни на Господа Исуса Христа.
Известува: свештеник Игор Никовски