Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Плаошник (12.03.2007)

Третата недела од светата Четириесетница, посветена на поклонувањето на Чесниот Крст, во Дебарско-кичевската епархија беше одбележана со Света Архиерејска Литургија, со која чиноначалствуваше Владиката г. Тимотеј.

Пред започнувањето на Литургијата свештенослужителите, заедно со својот Владика, облечени во полни одејанија, го изнесоа на средината од храмот чесниот Крст и со пеењето на тропарот: На Твојот Крст му се поклонуваме, Владико..., продолжувајќи со стихирите, заедно со верниот народ му се поклонија и го целиваа.

Светата Литургија беше отслужена во манастирот на св. Климент Охридски и вмч. Пантелејмон на Плаошник, во Охрид, а со Владиката г. Тимотеј сослужуваа: архимандрит Нектариј, свештениците Игор Никовски и Сашо Ристески, и ѓаконот Димче Азески, од Охридското архиерејско намесништво.

 

      

 

 

Кон собраниот верен народ со пригодна беседа се обрати Владиката г. Тимотеј, во која рече: „...Неискажливата Христова љубов кон луѓето пропаднати во гревот, го подигна Христа на Крст. Тој Крстот го полеа со Својата божествена крв, за да ги избави луѓето од гревот, од вечната осуда, од смртта и да го помири со Бога. Од тој миг Крстот, кој до Христа бил срамно орудие и казна, постана радосен знак на победата над злото, победата над смртта и ѓаволот, и постана свет знак на христијаните...

Кога човекот ќе ја отфрли гордоста и самозадоволството, кога ќе ја сфати својата гревовност, и сиромаштвото, кога ќе ја сфати бесцелноста и бесмисленоста на животот без добродетели и љубов кон Бога и луѓето, кога во неговото срце ќе почувствува потреба за молитва заради простување на гревовите, тогаш ќе го почувствува во својата душа дејството на Светиот Дух, ќе почувствува дека во него дејствува благодатната сила на Крстот....

Сега тоа е тешко да се сфати со зборови. Но искуството на Црквата за овие две илјади години ни дава многу такви примери. Да се сетиме на преподобна Марија Египетска...

Благодатната сила на Крстот Господов, од Воскресението па сè до денес, дејствува во Црквата Христова. Таа и денес е спасителна.

Да пристапиме и да го целиваме чесниот Крст Господов и да Го молиме Господа да ни биде на помош, за да живееме според заповедите Божји, секогаш исполнувајѓи ја Неговата волја, а Неговиот Крст нека ни биде духовно оружје за да ги победиме сите зла во самите нас.“

 

Верниците причестувајќи се прво со Словото Божјо, со кое беседнички Владиката г. Тимотеј го наѕидува верниот народ, потоа пристапија и кон Светиот Путир за да се соединат и причестат со светите и животворни Господови Тајни.

Следната четврта недела од Светиот Пост, Владиката г. Тимотеј ќе богослужи Литургија во Соборниот храм на св. Петар и Павле во Кичево.

Петтата недела од Великиот Пост, Владиката г. Тимотеј ќе богослужи Света Литургија во црквата на св. Николај Чудотворец во месноста Долна Маала, во Охрид.

 

известува: свештеник Игор Никовски