Кичево (19.03.2007)
Четвртата недела од Светата Четириесетница, посветена на свети Јован Лествичник, во Дебарско-кичевската епархија беше одбележана со свечена Архиерејска Литургија.
На Божествената Литургија, отслужена во соборниот храм на светите Петар и Павле во Кичево, чиноначалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на свештенослужители од Охридското и Кичевското архиерејско намесништво.
Кон верниот народ Владиката се обрати и со пригодно слово, во кое даде осврт на делото и ликот на светителот којшто овој ден беше отпразнуван - на свети Јован Лествичник, велејќи дека поуките сместени во книгата „Лествица“ или Скала, како и монашкиот аскетизам на овој велик Отец на Православната Црква, и денес се редовно четиво во духовниот подвиг на секој православен верник.
По завршувањето на Божествената Литургија, Владиката подели нафора на верниот народ, а после кратката трпеза, со свештенослужителите замина во кратка посета на манастирот на Пресвета Богородица (Пречиста Кичевска).
Во манастирот Владиката оствари средба со игуменијата Агнија, на која ѝ даде кратки напатствија во поглед на претстојниот празник Цветници, кога Владиката г. Тимотеј со свештенослужители од Епархијата ќе богослужи Божествена Литургија.
известува: свештеник Игор Никовски