Архиерејска Божествена Литургија во Охрид (26.03.2007)
Во Петтата недела од светата Четириесетница, Владиката на Дебарско-кичевската епархија г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештеникот Игор Никовски и ѓаконот Димче Азески, отслужи Божествена Литургија во црквата на св. Николај Чудотворец во Долна маала, Охрид.
На Светата Литургија во многу голем број беа присутни парохијаните од оваа парохиска црква, кои со голема радост го очекуваа пристигнувањето на својот Владика во светиот храм.
Кон верниот народ со свечено слово се обрати Владиката г. Тимотеј, во кое говореше за светителката чиј спомен се слави денес, света Марија Египетска, која својот подвиг го принесе на Великиот Бог во Јорданската пустина. А во исто време Владиката го потенцираше и нејзиниот пример, деке и денес не е невозможно човек, ако посака, да се оттргне од канџите на злосторствата, но само тогаш кога сета своја надеж ќе ја положи на својот Спасител и Неговата Мајка Богородица, онака како што света Марија Египетска тоа го направи.
По произнесената проповед, кон Светиот Путир пристапија најнапред мајките со малите дечиња, коишто Владиката г. Тимотеј ги причести, а потоа следеа и сите оние кои подготвени во овие денови на скрушеност и покајание, со таков мир пристапија и кон светата Чаша.
По завршувањето на Светата Литургија, Владиката накратко изврши и обиколка околу црквата, согледувајќи до каде се стигнати изведувањата на градежните работи, бидејќи во тек треба да следи градба од западната страна на црквата, во која ќе бодат сместени канцеларијата и придружните простории за свештенослужителите.
Црквата посветена на св. Николај Чудотворец е изградена во 1863 година и е во мошне добра сочувана состојба. Последните години во неа се одржуваа периодично богослужби, од причини што таа влегува во составот на Варошката парохија при Охридското архиерејско намесништво. Меѓутоа, од почетокот на оваа година, Владиката г. Тимотеј, согледувајќи ги состојбите во овој дел од градот, одлучи да се формира уште една парохија во споменатото намесништо, со тоа што црквата на свети Николај станува парохиска црква, сè до нејзиното пополнување со свештенички кадар, што, како што вети Владиката, ќе се случи во текот на оваа година.
И навистина, како што е сведок потписникот на оваа информација, во неделите кога во оваа црква се богослужи Света Литургија, храмот е постојано исполнет со верници, кои водат правилен литургиски живот, помагајќи ја својата црква, исповедувајќи се и причестувајќи се со Светите Тајни.
известува: свештеник Игор Никовски