Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Означен почетокот на проектот за возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник (27.03.2007)

На Плаошник во Охрид на 27 март официјално започнаа археолошките истражувања и ископувања на просторите каде се планира возобновување на Светиклиментовиот универзитет. На стартот на работите присуствуваше премиерот Никола Груевски, кој денеска е во работна посета на Охрид.

 

Владата издвои шест милиони евра за возобновување на Светиклиментовиот универзитет, средства кои ќе бидат потрошени во наредните три години“, истакна премиерот Груевски. Тој додаде дека станува збор за проект од исклучително вредно национално, културно и историско богатство.

 

„Овој проект ќе го возобнови светиклиментовиот дух, но во 21. век. Овде ќе бидат сместени културни и научни центри, галерии на икони, стари ракописи, голема библиотека и сè она што ќе се пронајде со сегашните археолошки истражувања“, рече директорот на Републичката управа за заштита на културното наследство, Паско Кузман.

 

На ископувањата се ангажирани околу 200 археолози, етнолози, архитекти, студенти по археологија и ликовна уметност, кои треба да ги откријат остатоците на Првиот универзитет во Европа, кој таму работел во 9. и 10. век и низ кој поминале околу 3.500 ученици. Со проектот раководи проф. Вера Битракова-Грозданова и според планот ископувањата ќе траат до 20 август оваа година, а потоа ќе се распише конкурс за идејно решение на Светиклиментовиот универзитет, кој треба да биде завршен во 2009 година.

 

Извор: МИА