Од учебната 2008-2009 година веронаука во основното образование (27.03.2007)
Од учебната 2008-2009 за основците ќе се воведе задолжително верско образование со можност за избор меѓу веронаука и историја на религии.
Веронауката или историјата на религии ќе се изучува само една учебна година и тоа во петтото одделение. Веронауката во првата фаза ќе опфаќа само две религии -православната и исламската. Предавањата ќе ги вршат дипломирани теолози, кои од специјални тела на Министерството ќе треба да добијат сертификати откако ќе го положат потребниот испит.
„Со веронауката на децата им се пренесуваат верата, обичаите и здравите морални навики. Науката открива факти, ги проучува, но тие се осмислуваат само преку високи етички норми. Нашите училишта особено внимание посветуваат на умното развивање и просветување на развојот на интелектот, но училиштето треба да се грижи и за изградбата на целосна личност, создавање на карактерот, од каде произлегува потребата за воведување на веронауката“, истакна државниот секретар во Министерството за образование, Перо Стојановски.
Тој појасни дека измените имаат основа и во Уставот на Република Македонија, во кој се гарантира слобода на вероисповед и јавно изразување на вероисповед. Според него, исклучена е и основата врз која воведувањето на веронаука како законски проект на владата на Љубчо Георгиевски падна на Уставен суд со измената на член 13 од постојниот закон.
Законот ја помина владината и сега е во собраниска процедура каде треба да го разгледаат од соодветните работни тела и потоа да се најде на пленарна седница.
Извор: МИА