Велики Четврток (05.04.2007)
Службата на Велики четврток ѝ е посветена на Тајната Вечера, на којашто Спасителот ја востанови Тајната на Светата Евхаристија, оставајќи заповед Пасхата на Новиот Завет да се вкусува во Негов спомен, на Неговото Тело и Неговата Крв пролеана за отпуштање на гревовите.
Во посланието на светиот апостол Павле е опишано востановувањето на Тајната, нејзината цел, начин на подготовка и пристапување кон Причестувањето.
„...Господ Исус онаа ноќ, кога Го предадоа, зеде леб, заблагодари, го прекрши и рече: земете, јадете, ова е телото Мое, кое се крши за вас; правете го ова во Мојот спомен! По вечерата, исто така, зеде и чаша, па рече: оваа Чаша е Новиот завет во Мојата Крв; ова правете го, кога ќе пиете за Мојот спомен! Оти, кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате смртта на Господа, додека Он не дојде. Затоа, оној кој недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, виновен ќе биде спрема Телото и Крвта на Господа. Но, човекот да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи него разликува телото Господово. Па затоа меѓу вас има многу немоќни и болни, а нмозина и умираат. Оти, ако бевме се испитувале сами себе, тогаш немаше да бидеме осудени. Но судејќи нè, Господ нè накажа за да не бидеме осудени заедно со светот.” (1. Кор. 11, 23 – 32)
Во богослужењето на овој ден се говори и за предавството на Јуда.
„Беззакониот Јуда, којшто на Тајната вечера ја стави раката во чинијата заедно со Тебе, кон беззакониците ги пружи рацете за да ги прими сребрениците: тој ја пресмета и цената на мирото и не се исплаши да Те продаде Тебе, Кој немаш цена; тој ги пружи и нозете за да му ги измиеш, Му даде лажен целив на Господа, за да им Го предаде на беззакониците: откако се одрече од соборот на апостолите, иако ги фрли триесетте сребреници, не се удостои да го види Твоето тридневно Воскресение. Господи, Кој воскресна, помилуј нѐ.“ (стихира од Вечерната на Велики Четврток)